Блумберг: Можно е следниот судир меѓу НАТО и Русија да биде на Балканот

276

Во анализа по повод Акцискиот план за членство на БиХ во НАТО, американската агенција Блумберг предупредува дека следниот судир на НАТО со Русија би можел да се случи на Балканот, нагласувајќи дека Алијансата очекува да прими уште членки од Балканот, каде е „инволвирана во борбата за влијание со Русија“.

Во тој контекст, Блумберг укажува дека мнозинството Срби во БиХ, заедно со својот лидер Милорад Додик, остро се против членство на земјата во НАТО, за разлика од муслиманите и Хрватите кои ги поздравуваат поблиските односи со Алијансата.

Агенцијата смета дека НАТО оваа година веќе еднаш ја исфрли Русија во борбата за влијание врз некогашниот комунистички источен дел на Европа, а сега се подготвува за уште една пресметка „на местото на најголемото насилство на континентот од Втората светска војна“.

Блумберг објаснува дека откако Алијансата ја примила Црна Гора во своето членство, се заинтересирала и за БиХ, земја во која ја започна својата прва воена операција во 1995 година.

Сепак, се предупредува во текстот, во Босна и понатаму постои опасност од ескалирање на етничките тензии кои, како што наведува Блумберг, дополнително се зголемија минатата недела кога министрите за надворешни работи на НАТО повторно ја започнаа програмата која една деценија беше  во мирување – Акцискиот план за членство на БиХ во НАТО.

Додик, кој се смета за сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и ги претставува Србите во Претседателството на БиХ, истакна дека нема да поддржи „ништо што значи било каква инклузија во воена Алијанса, НАТО или нешто друго“.

Од друга страна, пак, наведува Блумберг, бошњачкиот  член на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ истакна дека членството во НАТО е меѓу „најважните надворешнополитички цели“.

Со тоа се согласува и хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ кој нагласи дека членството во Алијансата е приоритет и потсети дека некогашниот српски член на Претседателството, Небојша Радмановиќ го поддржал Акцискиот план во 2009, кога за него првпат се дискутирало.

Меѓутоа, агенцијата наведува дека Додик изјавил оти геополитичката ситуација денес е сменета.

Потсетува и дека поранешните југословенски републики Словенија, Хрватска и Црна Гора веќе станале членки на НАТО, а Македонија во јули е повикана да и се придружи на Алијансата.

Блумберг наведува дека несогласувањето на Додик за блиски односи со Алијансата има историски причини, потсетувајќи дека НАТО ги бомбардирал силите на босанските Срби во последните години од војната во Босна, по масакрот во Сребреница, како и дека ја бомбардирал Србија во 1999 година.

Агенцијата, исто така, потсетува дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна ги обвини НАТО и ЕУ дека „ги забрзуваат напорите за освојување на регионот“ и им нудат на земјите  „лажен избор“ дека мораат да се придружат или кон Русија или кон Западот, додека од друга страна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вели дека Алијансата би сакала БиХ да се согласи на дополнителни мерки, кои се потребни за евентуално членство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...