На земјите од регонот со просечниот раст кој го остваруваат изминатите години ќе им требаат најмалку 20 години за да го зголемат двојно стандардот на граѓаните. Регионот пак за 50 години со овој раст ќе го стигне просечниот стандард на Европската унија. Ова е најоптимистичкото сценарио за подобрување на стандардот на граѓаните кое денеска го презентира Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економистите на Србија кој беше гостин во Стопанската комора и учесник во дебатата на тема „Предизвиците на регионалната економска соработка“.
Според него, состојбата е таква во земјите од Западен Балкан, оти во нив сѐ уште не е завршена транзицијата, нема политичари кои ќе преземат храбри реформи без да се плашат за рејтингот, а поради општите состојби и конкурентноста на приватните компании е ниска.
– Проблемот е што немаме изградени независни институции и не се направени структурни реформи. Посебен проблем се јавните претпријатија кои политичарите ги чуваат за партиски вработувања наместо да ги приватизираат. Во Србија е така, а овде не знам – рече Влаховиќ.
Тој смета дека е добро да се внесуваат странски директни инвестиции, но да се направи анализа дали секоја од нив е добра за економијата. Акцентот сепак, смета тој, треба да се стави на домашните инвестиции. Нив и извозот кој е значаен за Западен Балкан треба да ги прават приватните компании, а не јавниот сектор.
Според него, промените ќе бидат видливи, ако се направи пресврт во состојбата. За пример го зеде германскит модел на реформи во кој истовремено се направени структурните реформи, реформи во пензискиот систем и платите во јавниот сектор. За Балканот, вели тој, е важна приватизацијата, промена на однесувањето на политичарите, но и посуштинско поттикнување на малите и средни компании.
Ваховиќ, забележа и дека растот на земјите од регионот е условен од однесувањето на потрошувачите и побарувачката на економијата на Европската унија што според него е логично бидејќи земјите од регионот сакаат да се приклучат кон ЕУ.
Тоа според него е и слабата страна на економиите од овој дел од Европа. Советуваше земјите од регионот, поради оваа зависност да внимаваат како ќе ги планираат јавните трошења и посебно како се задолжуваат.
– Најдобро е да се инсистира долгот да изнесува 50 отсто од БДП, не како тоа го договори Европската унија на 60 отсто, а дефицитот да се настојува да се одржува на 0,1 до 1 отсто, а не како што бара ЕУ. Тоа ќе им даде сила на економиите од овој региона да се справат со кризата која е веќе видлива во ЕУ – вели Влаховиќ.
Тој зборуваше и за исселувањето од регионот што ѝ дава белег на состојбата во која вработеноста не го следи растот, а невработеноста е посебно загрижувачка кај младите.
-Стапката на вработеност не го следи вкупниот раст на економските активности и таа се должи на демографските поместувања, а не на економијата. Клучен проблем е невработеноста на младите која е особено изразена во Македонија и потребни се акции за значајни промени – рече Влаховиќ.
На дебатата беше покренато и прашањето за регионалната економска соработка, како неопходен предуслов за иднината на регионот на Западен Балкан како целина.