Грасо: КФОР изведува вообичаена, регуларна воена вежба

71

Меѓународните сили во Косово (КФОР) соопштија дека движењето на нивните единици во северно Косово е во рамките на редовна воена вежба започната вчера јужниот дел од земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Ова е втор ден од вежбата што започна вчера, кога моторизираната колона се движеше од Урошевац во правец на Призрен. Денеска движењето е во правец на косовскиот север – се вели во соопштението на КФОР.

Ваквите активности, тврди КФОР, се во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите Нации и се со  цел да се провери готовноста на овие сили да се распоредат бргу во цело Косово.

Претходно, портпаролот на КФОР, Винченцо Грасо, во изјава за белградските медиуми ги негираше тврдењата на новинската агенција Танјуг дека „КФОР носи опрема за блокада на границата“ меѓу Косово и Србија.

– Ситуацијата е под контрола, како и во изминатите недели, а сега станува збор само за регуларна вежба во цело Косово, со цел исполнување на мандатот на КФОР, а тоа е обезбедување на мирот – изјави Грасо.

Тој прецизираше дека вчера започнатата воена вежба се одвива во неколку правци – во зоната запад и исток.

– На пример, вчера единиците на КФОР се движеа од Урошевац кон Призрен и речиси никој не забележа. Немаме ниту една посебна „цел“, и по завршувањето на воената вежба, денеска единиците ќе се вратат во своите кампови – истакна Грасо.

Според белградските медиуми, денешните маневри на КФОР во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, се поврзани со утрешното изгласување во Собранието во Приштина на пакетот закони со кои сегашните Косовски безбедносни сили (ФСК) практично се трансформираат во војска на Косово.

На трансформацијата на ФСК во војска остро се спротивставува официјален Белград, кој смета дека Косово со тоа ја загрозува регионалната безбедност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...