Амбасадорот на САД во Косово, Филип Коснет ја нарече „добра вест за Косово“ донацијата на американската Корпорација на милениумските предизвици (МЦЦ), но порача дека Косово треба да продолжи да напредува во борбата против корупцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Резултатите во тој правец, напиша американскиот амбасадор на Твитер, се неопходни за „Косово да го задржи правото на Компактната програма на МЦЦ“.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај вчера објави дека добил известување од извршниот директор на МЦЦ, Џонатан Кеш, дека Бордот на агенцијата, на чие чело е државниот секретар Мајк Помпео, одобрил Компактен договор со Косово, со кој земјата ќе добие десетици милиони долари за стратешки инфраструктурни инвестиции.