Во 2016 година, стотици македонски тинејџери ја открија дигиталната златна треска споделувајќи, пишувајќи и ширејќи лажни политички вести преку Фејсбук.
„Продавање лаги“ е краток документарен филм токму за оваа мрежа тинејџери од Македонија, кои во најголем дел потекнуваат од Велес, и за нивното историско влијание врз резултатите од претседателските избори во САД во 2016 година.
Филмот е резултат на соработката на Морган Фримен и продукциите „Ајворкс“ и „Ревелејшнс ентертејнмент“. Во него посебен фокус има Велес, град што уште оттогаш важи за лулката на лажните вести.
Велешаните што беа вклучени во оваа мрежа, а чии идентитети официјално останаа непознати, успеале да најдат начин како да ги спинуваат постојните вести, да ги оптимизираат за пребарување и да вметнат бомбастични и најчесто неточни информации, со цел да постигнат и повеќе посети на своите страници, но и да влијаат врз одреден политички исход.
За велешани се покажа дека Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во САД во 2016 година, е вистинскиот рецепт за собирање „кликови“ и заработување пари преку сервисот „Адсенс“ на Гугл.