Трансформацијата на косовските безбедносни сили во армија на Косово е нивна суверена одлука што треба и ја донесуваат пратениците во косовскиот Парламент. Косово е демократска земја исто како што е и вашата земја, исто како што е и Србија. Во демократија избирате ваши претствници кои се таму да донесуваат одлуки во ваше име.
Ова денеска го изјави командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, по средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на прашање за информациите за трансформација на косовските безбедносни сили.
Според него, доколку се донесе таква одлука за тоа ќе биде потребен еден период и тој период може да трае и десет години.
– Пред десет дена бев во Приштина и учествував на церемонијата на примопредавање на должноста меѓу генерал-мајор Салваторе Кочи и генерал мајор Лоренцо Д’Адарио. Во меѓувреме, моја работа и работа на генерал-мајор Д’Адарио е да обезбедиме сигурност и безбедност во земјата и да ја гарантираме слободата на движење – рече адмирал Фого.
Потсети дека НАТО има 4.000 припадници распоредени на Косово и оти се подготвени за секоја одлука што ќе биде донесена од косовскиот Парламент во текот на оваа година, и оти ќе останат таму за да ја гарантираат безбедноста и сигурноста на земјата.
Косовското Собрание задутре, 14 декември, ќе одржи седница на чиј дневен ред е гласање на пакетот закони со кои сегашните Безбедносни сили (ФСК) ќе се трансформираат во војска на Косово.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека повеќе сојузници во Алијансата се загрижени поради формирањето на војската на Косово и оцени дека постапката на Приштина е избрзана. Новоименуваниот американски амбасадор во Приштина, пак, Филип Коснет, деновиве изјави дека Вашингтон смета оти Косово треба да има сопствена војска.
Амбасадорот на Велика Британија во Косово, Руаири О’Конел изјави дека неговата земја смета оти Косово има право да формира свои оружени сили, и оти треба да продолжи да ги консултира сојузниците од НАТО и да го почитува ангажманот на КФОР.