Турција најави нова воена операција во северна Сирија

60

Турција во следните неколку дена ќе започне нова воена операција во северна Сирија, во областите источно од реката Еуфрат, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

– За неколку дена ќе започнеме операција за прочистување на реоните источно од Еуфрат од сепаратисти и терористи – изјави Еродган.

Тој додаде дека американските војници стационирани во овие области, кои им помагаат на борците на Силите за заштита на народот на сириските Курди, нема да бидат цел на операцијата.

Според Ердоган, ваквиот потег на Анкара „ќе овозможи трасирање на патот за политичко решение и за поздрава соработка“.

Аналитичарите проценуваат дека новата офанзива на турската Армија против борците на сириските Курди, кои се поддржани од САД, би можела да доведе до нови тензии во односите меѓу Анкара и Вашингтон, кои и онака имаат несогласување во врска со позицијата на Силите за заштита на народот.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која од 1984 година води вооружена борба за автономија на Курдите во Турција. ПКК се наоѓа на листата на терорстички организации на Турција, САД и ЕУ.

Од друга страна, САД во Силите за заштита на народот гледаат важен партнер во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Турција во јануари годинава започна операција против Силите за заштита на народот во реонот на Африн во северна Сирија, по што до крајот на март ги потисна курдските борци од речиси целата територија западно од реката Еуфрат. Сега силите на сириските Курди ја контролираат најголем дел од територија на Сирија источно од Еуфрат.

Најавата на Ердоган уследи откако САД синоќа објавија дека поставиле пунктови за мониторинг долж сириско-турската граница, и покрај противењето на Анкара на ваквите планови.

– По наредба на министерот за одбрана, Џејмс Матис, САД поставија позиции за надзор во североисточниот пограничен регион на Сирија, во интерес на безбедноста на Турција, наш сојузник во НАТО – изјави портпаролот на Пентагон, Роб Менинг.

На најавата на Пентагон реагираше турският министер за одбрана Хулуси Акар, кој изјави дека одлуката на САД „ќе ја усложни состојбата во една и онака сложена област“.

Минатата недела на средба со специјалниот претставник на САД за Сирија, Џејмс Џефри, Акар го повика Вашингтон да се откаже од плановите за поставување пунктови на сириско-тусрката граница, што Матис го најави кон крајот на ноември. 

Акар денеска нагласи дека Турција нема да дозволи создавање на „терористички коридор“ во деловите на Сирија долж нејзината граница.

– Остануваме на нашиот цврст став за борба против тероризмот во Идлиб, Манбиџ и источно од Еуфрат. Нема да дозволиме создавање терористички коридор на нашата граница – нагласи Акар.

Поставувањато на пунктовите, дополнително го зголеми гневот на Анкара, откако претходно САД најавија дека ќе обучуваат околу 40.000 борци на бунтовничките сили во источна Сирија.

Началникот на Здружениот генералштаб на Вооружените сили на САД, Џозеф Данфорд информира дека веќе се обучени 8.000 борци на бунтовничката алијанса Сириски демократски сили, во која доминираат курдските Сили за заштита на народот.

– Во име на стабилноста, ќе бидат обучени и опремени со оружје вкупно 40.000 лица – нагласи Данфорд.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...