Во Анкара и Истанбул падна првиот снег оваа сезона, а метеоролошката служба предупреди дека ќе дојде до драстичен пад на температурата на воздухот во повеќе окрузи на земјата, јавија турските медиуми.
Во Истанбул снегот дојде од запад, а снежниот бран, кој пристигнал во Турција од Југоисточна Европа, донесе виулици во некои области на најгусто населениот турски град. Засега лошото време не предизвикува сериозни тешкотии во секојдневниот живот на граѓаните во Истанбул, информира „Хуриет дејли њуз“.
Во главниот град Анкара снегот почна да врне уште во првите часови од денешниот ден. По разденувањето, Анкара ја зафатиле снежни бури. Локалните власти ги насочуваат возачите на почисти патишта во округот, откако утрово се создал голем сообраќаен метеж.
Турската метеоролошката служба соопшти дека се очекува пад на температурата за осум степени во западните, северните и централните области на земјата. Во централна Анадолија и во повеќе внатрешни делови на источниот брег на Црното Море се прогнозираат обилни снежни врнежи. Во источниот дел на Црното Море и источниот Медитеран, како и во југоисточните окрузи на Турција, се очекуваат поројни дождови и ветрови со брзина од 70 километри на час.