Изложба на графики на Јана Русевска со наслов 1/2

Љубовта кон уметноста ја победи мојата љубов кон математиката и сега задачи решавам само кога одмарам, вели младата уметница која својата прва самостојна изложба ја најавува за 15.декември во галерија „Колектив“.

495

„Ве очекуваме на 15. декември во галерија „Колектив“ да ја видите првата самостојна изложба на Јана Русевска и останете заедно да го прославиме нејзиниот 21. роденден“, пишува во најавата за изложбата на младата Јана Русевска, студент на ФЛУ – Скопје, на отсек графика.

Иако подготвувањето на прва самостојна изложба е најтешко, бидејќи подоцна, за секоја следна може да се комбинира и нешто од претходната, младата уметница Јана Русевска храбро зачекори на јавната сцена и ја најави својата прва изложба на графики со која ќе го одбележи и својот 21.роденден.

Самата работа на графичарите е многу тешка, графичкиот печат бара многу време и познавање на технологијата, па треба многу време да се посвети на изработка на самиот мотив на цртеж, па следува пренесување на цртежот на графичка плоча, а потоа и печатење на хартија, што бара многу време за една изложба на графики да го здогледа светлото на денот.

Затоа и нејзината идеја да ги изложи делата изработени во рамки на активностите на факултетот е всушност одлична идеја.

Впрочем, овие графики се и приказна за нејзиниот развој и уметничката надградба.

А на прашањето кој или што е нејзин двигател за создавањето на графиките, Јана вели: „Ништо посебно, мој двигател секогаш била љубовта кон уметноста и таа е и причината поради која се запишав на ФЛУ иако цело време некако дискретно бев подготвувана за нешто сосема друго, и од себеси и од моите родители. Но љубовта кон уметноста ја победи мојата љубов кон математиката и сега задачи решавам само кога одмарам“, се смее Јана.

Изложбата „1/2“ на младата уметница Јана Русевска ќе биде отворена на 15.декември во 20 часот, во галеријата „Колектив“ лоцирана на скопскиот плоштад.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...