Конференција „Биодиверзитет на млеко“ во фокус козарството и автохтоните раси

Манифестацијата предвидува конференција, панел дискусии, изложба и дегустации, а целта е уште еднаш да се акцентира значењето на локалните автохтони раси животни и производите што од нив се добиваат (млека, сирења).

150

Сточари, производители, претставници на земјоделски задруги и професори ќе учествуваат на денешната манифестација „Биодиверзитет на млеко“ што ја органзира Слоу Фуд Македонија по повод 10 Декември, Денот на локалната храна „Тера Мадре“.

Манифестацијата предвидува конференција, панел дискусии, изложба и дегустации, а целта е уште еднаш да се акцентира значењето на локалните автохтони раси животни и производите што од нив се добиваат (млека, сирења).

– Настанот е посветен исклучиво на млекото. Во фокусот е значењето на автохтоните раси за целокупниот земјоделски систем и традиционалните методи на производство на сирења кои се вистинско обележје за одредени региони на Македонија, но и за малите сирењари и сточари. И сето тоа, низ обликот на еден делумно заборавен елемент во нашето сточарство – козарството. Всушност, ова е вид можност за презентација на автохтоните раси и автентичните сирења кои постојат во нашата држава – вели за МИА Елена Каровска од Слоу фуд Македонија.

Според неа, идејата е сите учесници, производителите на сирење, сточарите, граѓанските организации и надлежните институции, да воспостават функционална платформа за соработка и комуникација.

Годинашното издание на „Биодиверзитет на млеко“ е надополнување на претходните две што се одржаа во 2014 година на Факултетот за земјоделски науки и храна, како и во 2016 година во рамки на Тера Мадре Македонија. Настанот се организира со поддршка од Слоу Фуд Битола во рамки на првата сесија од проектот „Зачувување, карактеризација и одржливо користење на домашната балканска коза во Југозападниот плански регион“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...