И покрај тоа што нѐ разделуваат гранични премини, економските искуства во секоја од земјите од Западен Балкан, помалку или повеќе, се применливи во секоја од останатите држави во регионот. Регионалните економски односи, предизвиците и можностите, како и за перспективите за унапредување на регионалната економска соработка помеѓу државите од Западен Балкан се исти, без оглед низ призмата на која држава се гледаат. Затоа, особено ми е драго кога ќе имам прилика да дискутирам со врвните познавачи на овие состојби – токму една таква личност ќе ни биде гостин во Стопанската комора на Македонија претстојнава недела.
Александар Влаховиќ, претседателот на Сојузот на економисти на Србија е еден од врвните економски аналитичари на овие простори. Веројатно најдобар приказ за неговото дејствување е успехот на Бизнис форумот на Копаоник, кој во изминатите 26 години успеа да стане најзначајниот бизнис-настан на овие простори и веќе одамна го носи називот Балкански Давос.
Бизнис форумот придонесе секоја година во првата недела на март, на неколку дена Копаоник да станува епицентарот на економските случувања на Балканот. На едно место се обединуваат повеќе од 1.400 учесници, вклучувајќи истакнати професори, државни претставници, членови на дипломатскиот кор, стопанственици, домашни и странски инвеститори, како и претставници на меѓународните финансиски организации, кои дискутираат за најзначајните економски прашања во Србија, но и во регионот. Речиси секоја година делегација на Стопанската комора на Македонија, како и на сите комори од Коморскиот инвестициски форум се дел од тие случувања, и таму ќе бидеме и следната година.
Но, во дискусијата со господинот Влаховиќ ќе опфатиме и уште едно прашање што секогаш во домашната јавност предизвикува сериозно внимание – процесот на приватизацијата. Неговите излагања по овие прашања може да бидат прилично занимливи, имајќи предвид дека тој беше министер за стопанство и за приватизација во првата демократска Влада на Република Србија, предводена од Зоран Ѓинѓиќ, од 2001 година до март 2004 година. За време на неговиот мандат биле подготвени и усвоени повеќе важни реформски закони, вклучувајќи го и Законот за приватизација, а во текот на неговиот мандат биле приватизирани повеќе од 1.300 компании. Процесот на приватизацијата во Србија беше спроведуван по сличен модел како македонскиот, но резултатите беа различни – или можеби не?
Затоа очекувам интересна дискусија на трибината – доколку времето Ви дозволува, во четврток 13.12.2018, трибината со Александар Влаховиќ во Стопанската комора на Македонија е настанот на кој треба да бидете!
п.с. Најавата за олабавувањето на казнената политика со новиот Закон за прекршоци треба гласно да биде поздравена од бизнисот – целта на системот е да се влијае корективно на субјектите, а не да се оди со репресивни мерки, кои по нив ќе имаат толку штетни ефекти, што ќе доведат до тоа субјектите да се одлучат да го затворат бизнисот.
(Авторот е заменик претседател на Коморскиот Инвестициски Форум)