Договор за државна помош за делумно субвенционирање со транспарентните мерки од Планот за економски раст на Владата денеска е потпишан со швајцарската компанија „Баумер“ која гради свој капацитет во ТИРЗ Скопје 1 во Бунарџик. Договорот го потпишаа директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Александар Младеновски и извршниот оперативен директор на „Баумер“, Марсел Фрај.
„Баумер“ е семејна компанија која се развива 66 години и произведува индустриски сензори и процесни мерни инструменти. Има 38 подружници во 19 земји во кои работат повеќе од 2.700 луѓе и е присутен со продажба во повеќе од 70 земји во светот. Во Македонија планира да инвестира околу девет милиони евра во три фази во својот објект во кој ќе вработат околу 350 луѓе. Во првата фаза на простор од 3.840 квадратни метри ќе се инвестираат помеѓу шест и седум милиони евра и ќе се вработат од 150 до 200 лица. Во објектот со ЦНЦ технологија ќе се произведуваат кабли, индуктивни сензори, енкодери и полуфабрикати.
Претходно вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев заедно со Младеновски, Фрај и директорот на Баумер во Македонија, Новица Шотаровски изврши увид во градежните работи на производствениот погон на компанијата „Баумер“ и посочи дека фабриката е во напредна фаза на градба и се изведува по швајцарски стандарди и критериуми.
– Како Влада сме посветени да направиме брза и квалитетна индустријализација на Макеоднија, но не со трудоинтензивни дејности во кои вработените земаат по 200 до 300 евра плата, туку со високотехнолошки развиени компании какви што се обидуваме и успеваме да привлечеме во државата во последно време. Во нив ќе работат претежно инженери и ќе дадеме шанса на нашите млади и високообразовани кадри да останат во нашата држава за солидни плати и солиден стандард. Само така ќе обезбедиме иднина за нашата држава и за нашите млади генерации. Очекувам компанијата Баумер да има сериозен придонес во тоа – рече Анѓушев по потпишувањето на договорот.
Тој нагласи дека Владата и понатаму ќе биде посветена на поддршка и привлекување на директни странски инвестиции и додаде дека во последната година се привлечен повеќе од 20, кои како што посочи, ќе дадат сериозен импакт на растот на БДП во државата.
Директорот на „Баумер“ во Македонија, Шотаровски посочи дека Баумер во Македонија почнува нова сторија во своето бизнис портфолио. Почетокот на активностите во Скопје, додаде, го означивме во јули 2018 година, а веќе за нецели девет месеци „Баумер“ ќе биде потполно оперативен за своите први производи.
– Растотот на побарувањето на сензорската технологија во светски рамки е проектиран на 11 проценти годишно со тренд да достигне 541 милијарда долари до 2022 година. Ценејќи го овој тренд „Баумер“ постојано инвестира и се развива. Покрај тоа што во логото на „Баумер“ стои „пасија за сензори“ постои и пасија за луѓето кои ги создаваат тие сензори и технологија, особено за нивното здравје и сигурност. На 15 март кога фабриката во Скопје ќе биде пуштена во употреба ќе биде опремена со внимателно избрани системи за одржување на потребните работни услови. Вработените од менаџментот и производството ќе посетуваат повеќе неделни обуки во Швајцарија и Германија – рече Шотаровски.
Втората фаза за инвестицијата е планирана за 2023 година кога ќе се прошират објектите за дополнителни 4.000 квадратни метри и дуплирање на бројот на вработени со што инвестицијата би достигнала осум милиони евра и најмалку 300 вработени.
-Третата фаза, зависно од економските услови, е изградба на дополнителен администартивно-деловен дел на 2.000 квадратни метри со што инвестицијата би достигнала малку над девет милиони евра, со вкупно 350 вработени – рече Шотаровски.
Нагласи дека Баумер во Скопје ќе отвори и Центар за иновации и развој во кој ќе се вработат околу 30 софтверски, електро и машински инженери кои ќе создаваат нови генерации на производи.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ посочи дека „Баумер“ пред неполна година донесе одлука да инвестира во Македонија, а нивниот објект веќе е под покрив и во март планираат да отпочнат со производство.
– Убеден сум дека изградбата на објектот на „Баумер“ во ТИРЗ Скопје 1 ќе ги охрабри и другите компании кои најавија инвестициски активности кај нас во наредниот период и ќе придонесе Македонија да стане попрепознатлива дестинација на светските инвестициски мапи – рече Младеновски.