Бродот „Аквариус“, кој спаси десетици илјади мигранти во Средоземното Море, ги прекина своите операции, соопштија невладините организации „Лекари без граници“ и „Ес-О-Ес Медитеран“, кои го ангажираа бродот.
– Одлуката беше донесена како резултат на безмилосната и тековна политичка, правна и административна кампања поддржана од неколку европски земји – информира „Ес-О-Ес Медитеран“.
Бродот е закотвен во француско пристаниште, откако кон крајот на септември ја загуби панамската регистрација. „Аквариус“ беше последниот спасувачки брод, кој дејствуваше крај бреговите на Либија.
Минатата година вакви бродови користеа пет хуманитарни организации.
– Ова е тажен ден. Европа не само што не успеа да обезбеди можност за пронаоѓање и спасување, туку и активно ги саботираше обидите на други да спасуваат човечки животи – изјави Вики Хокинс, која го предводи британскиот огранок на „Лекари без граници“.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција, околу 1.260 мигранти загинаа од почетокот на годинава во обидот да стигнат до Европа преку централниот дел на Средоземното Море.