Ова го порача Џун Саито амбасадор задолжен за Западен Балкан и заменик генерален директор на Канцеларијата за европски прашања во јапонското Министерство за надворешни работи – јави известувачот на МИА од Токио.
Тој најави дека 2019 година кога Македонија и Јапонија одбележуваат 25 години од воспоставување на дипломатски односи, предвидена е посета на високи јапонски претставници на Македонија и регионот, можеби и на ниво на министер за надворешни работи.
Саито на средба со новинари од Западен Балкан во јапонското МНР на прашањето на МИА како ја оценува демократијата во Македонија и нејзините обиди да стане членка на ЕУ и НАТО, посочи дека вообичаено дипломатите не коментираат внатрешно-политички работи на некоја земја, но смета оти земјата е на добар пат и оти ја има целосната поддршка на Јапонија.
– Ако не сте на добар пат, нема да ве поддржуваме. Да даваме суд дали сте добри или лоши не е јапонски стил, но фактот дека ве поддржуваме покажува дека имаме големи очекувања од вас како наши партнери – истакна Саито.
На прашањето на МИА зошто во Македонија сѐ уште нема јапонски инвеститори и покрај тоа што двете земји следната година ќе ја одбележат 25-годишнината од дипломатските активности, Саито посочи дека земјата мора повеќе да се презентира во јапонските бизнис кругови.
– Морате повеќе да се презентирате, не да се рекламирате, туку да ги пренесете фактите и релноста. Тие не се добро пренесени до јапонските бизнисмени. Ќе им порачаме на вашите власти да сторат повеќе и на семинарот на ЏЕТРО (Јапонска организација за надворешна трговија), кој се одржува утре во Токио, а на кој ќе имате и ваш претставник. Нашите национални експерти ќе им помогнат на вашите претставници да најдат начини за да ги привлечат јапонските компании. Ќе организираме и студиски тури за јапонските бизнисмени во вашиот регион за да се запознаат со локалните бизнисмени и да се ослободат од таа лажна слика за регионот, како конфликтен – рече Саито.
Напомена дека Македонија е дел од иницијативата, која Јапонија ја покрена на почетокот на оваа година за унапредување на соработката со шестте земји од Западен Балкан. Иницијативата ја покрена јапонскиот премиер Шинѕо Абе, за време на престојот во јануари на регионот, кога ги посети Србија, Бугарија и Романија. Две главни цели на иницијативата на Јапонија за земјите од Западен Балкан се поддршка на социоекономските реформи во рамки на активностите што ги преземаат замјите на патот на интегрирање во ЕУ и поддршка за целосно помирување на земјите во регионот.
-Иницијативата има три столба – билатерална соработка, промоција на соработката во регионот и соработка со трети страни. Мојата позиција како амбасадор за Западен Балкан беше етаблирана со оваа иницијатива, јас сум втор амбасадор на оваа позиција оттогаш, рече Саито.
Тој додаде дека од јануари досега билатералната соработка е интензивирана, а во таа смисла ја спомена средбата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров со јапонскиот министер за надворешни работи Таро Коно во Берлин за време на Минхенската конференција за безбедност.
-Во рамки на таа билатерална соработка досега имаме доделено 1,7 милијарди долари за шестте земји во регионот и секако планираме таа да продолжи. Специфични сектори за кои сме заинтересирани се развојот на приватниот сектор со акцент на мали и средни претпријатија, развој на туризмот, образованието, животната средина и здравството, додаде Саито.
Вели дека јапонската иницијатива за Западен Балкан и Берлинскиот процес не се спротивставени, туку се комплементарни, се надополнуваат еден со друг и водат во иста насока. Проектите на Јапонија се во соработка со организации, кои се етаблирани во рамки на Берлинскиот процес.
-Јапонија поддржува силна и обединета Европа, која ги дели истите вредности со нас – владеењето на правото, слободен и конкурентен пазар. Важно е земјите од Западен Балкан да сфатат дека стабилноста и развојот произлегуваат од членството во ЕУ, нагласи Саито.
Потенцира дека процесот на носење одлуки кај јапонските компании е поинаков од другите земји.
-На јапонските компании им е потребно долго време за да донесат одлука, но кога ќе ја донесат цврсто се држат до неа, затоа вашите луѓе мора да бидат трпеливи, рече тој.
Во врска со кинеската иницијатива 16 плус еден, Саито вели дека Јапонија не се натпреварува со Кина. -Јапонија и ЕУ делат исти демократски вредности, кои кинеските власти не ги развиваат, вели Саито и додава дека Јапонија ги поддржува сите иницијативи кои се согласно меѓународните стандарди.
-Нашата филозофија не е да дадеме некаква поддршка и да си заминеме. Јапонија пред се сака да инвестира во едукација на луѓето, со цел земјата да застане на свои нозе. Имаме различна филозофија со Кина. Ги охрабруваме кинеските власти да ги почитуваат тие стандарди, но тие имаат свој пат, со оглед на тоа што се втора економија по големина во светот никој не може да ги запре во тоа што го планираат, нагласи тој.
Веста дека Македонија се обидува да го реши спорот за името со Грција се проширила во јапонските кругови, велат од јапонското МНР за МИА и овој развој на настаните јапонските компании го гледаат како можност конечно да влезат во земјата.
Јапонија активно ја поддржува Македонија преку грантови, заеми, беше доделена и помош од околу четири милиони долари за време на мигрантската криза. Голем дел од таа помош доаѓа преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЏАИКА), а како што велат во јапонското МНР, откако во земјата има резидентен јапонски амбасадор таа помош ќе се зголемува.
Земјоделството е еден од секторите за кои најмногу биле заинтересирани јапонските бизнисмени, но како што посочуваат од јапонското МНР кога јапонските компании инвестираат во странски земји сакаат да видат некој успешен модел, кој претходно инвестирал во таа земја.
За зајакнувањето на соработката од јапонското МНР со пофални зборови за досегашната амбасадорка на Македонија, Андријана Цветковиќ, за која велат дека е заслужна за формирањето на парламентарната група за јапонско-македонска соработка при јапонскиот Парламент. По заминувањето на Цветковиќ од функцијата неодамна, амбасадорското место во Токио е испразнето, а се очекува наскоро македонското МНР да назначи нов амбасадор тука.