Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува сериозно интензивирање на активностите на автопатот Кичево-Охрид следната година и тој да биде готов во предвидениот рок до јуни 2021 година.
Тој при денешната посета на Кичево изјави дека на терен веќе се одвиваат засилени активности и потсети дека се надминати сите наследени проблеми на овој автопат. Изгласан е и третиот анекс на договорот за дополнителни 190 милиони евра.
– Има околу 54-55 проценти реализација досега, но она што е поважно е дека се надминати сите наследени проблеми со тунелот, свлечиштата, клучките и алтернативните патишта. Тоа го надминавме во изминатиот период – нагласи Сугарески по средбата со градоначалникот Фатмир Дехари.
Тој потсети дека во тек е и проектирањето на првата делница од новиот автопат од Кичево до Гостивар. За втората делница од Букојчани до Горна Ѓоновица и за третата делница Горна Ѓоновица – Гостивар ќе се обезбедат средства од ЕУ за проектирање.
– Ова се многу важни проекти за овој регион и за економски развој на општините – истакна министерот Сугаревски, додавајќи дека се обезбедени 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локалните патишта и над 100 милиони евра за водоводни и канализациски мрежи во општините.
Во однос на изградбата на пругата од Кичево до Лин, министерот Сугарески истакна дека во моментот се работи на обезбедување финансиски средства.