Францускиот претседател, Емануел Макрон денеска побара од „политичките и синдикалните сили и работодавачите да испратат јасен и експлицитен повик за смирување”, рече портпаролот на Владата, Бенџамин Гриво, со цел понатаму да се спречат ризиците од ново насилство во кризата со “жолтите елеци”.
„Во овој момент е најважна Републиката”, додаде Бенџамин Гриво, цитирајќи го шефот на државата, по одржаниот состанок на Советот на министрите, пренесува дописникот на МИА.
Емануел Макрон “инсистираше на тоа дека некои денес се стремат кон една иста цел: да ја нападнат Република”, рече Гриво. Шефот на државата, исто така, го осуди “виновничкиот молк и опортунизам на оние кои се вклучени во овие однесувања”.
– Во тој контекст повика на мобилизација на секој член на владата, но, исто така, повика на чувство на одговорност на сите наши засегнати страни, а претседателот на Републиката побара од политичките сили, синдикалните сили, работодавачите да испратат јасен и експлицитен повик за смирување и почитување на републиканската рамка – инсистираше Гриво.
Извршната власт денеска се обидува во Парламентот и во медиумите да ги брани своите мерки за ублажување на кризата со “жолтите елеци”, кои истите ги оценија како недоволни, со ризик од нов викенд на насилство.
– Повици за насилство врз полицијата се шират на социјалните мрежи, при што се користат зборови кои се насочени кон мажите, сопругите и нивните најблиски – пишува француската полиција на својот налог на Твитер.
Фото: ЕПА / ETIENNE LAURENT/POOL