Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Загреб ќе учествува на Самитот на земјите членки на Европската иницијатива.
На самитот ќе учествуваат и премиерите на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Унгарија Виктор Орбан, на Бугарија Бојко Борисов, на Албанија Еди Рама, на Романија Василица Дончила и на Словачка Петар Пелегрини. Најавени се и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабати.
Домаќинот на собирот Андреј Пленковиќ синоќа приреди вечера за учесниците, а за данеска се предвидени пленарна средба, бизнис форум и билатерални разговори.
Заев вчера имаше средба со Пленковиќ на која беше повторена хрватската поддршка за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.
Засега нема потврда дали Заев во Загреб ќе има средба и со неговиот унгарски колега Орбан на која би станало збор за случајот со поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој избега од Македонија и доби азил во Унгарија.
Со самитот во Загреб завршува претседавањето на Хрватска со ЦЕИ, чии приоритети беа натамошно проширување на ЕУ, зајакнување на економската соработка, справување со проблемот на миграцијата и зацврстување на врските со други регионални меѓународни организации. Следен едногодишен претседавач со ЦЕИ ќе биде Италија.
ЦЕИ е регионален форум за соработка во Централна и Источна Европа, основан во 1989 во Будимпешта. Во неа членуваат 18 држави: Албанија, Австрија, Белорусија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Чешка, Хрватска, Италија, Унгарија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Украина. Главна цел на ЦЕИ е поддршка на државите членки на нивниот евроинтеграциски пат и нивно пролагодување со стандардите на ЕУ