Бурата Пенелопа донесе над 16.000 молњи во Грција

78
ФОТО: МИА

За шест дена, бурата Пенелопа во Грција, донесе 16.200 молњи, обилни дождови, снег и силен ветер, според податоците од мрежата на метеоролошки станици на грчката опсерваторија во Атина и „метео.гр“.

Невремето, кое од метеоролозите го доби името Пенелопа и ја зафати Грција во периодот од 25 до 30 ноември, имаше две лица, топло и студено. Топлиот бран беше во првите три дена со обилни врнежи во западниот дел од земјата, јужен ветер и прашина во воздухот, а студеното во останатите три дена со молњи, силен дожд, особено на островот Крит и силен ветер што донесе значителен пад на температурата и снег на планините, јави дописничката на МИА од Атина.

Во градот Хања на грчкиот остров Крит биле регистрирани 428 милиметри дожд на метар квадратен, а системот ЗЕВС за следење на молњите регистрирал 16.200 молњи во период од шест дена.

Бурата Пенелопа донесе и снег од над 30 сантиметри на планините во североисточниот и централниот дел на Грција, но и силен ветер со јачина од 113 километри на час, регистриран на планината Пендели во близина на Атина.

Како што во петокот објави МИА, силниот ветер и обилниот дожд предизвикаа штети на неколку острови, но и забрана за пловидба за бродовите. На островите Лезбос и Крит, од обилниот дожд беа поплавени улици во повеќе населби, беше предизвикана е материјална штета на патната мрежа, а проблеми создаде и силниот ветер кој беше причина за пад на дрва.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...