Српската министерка за градежништво, транспорт и сообракај Зорана Михајловиќ изјави денеска дека следната недела ќе го премести Министерството во Грделичка клисура, каде што завршува изградбата на делницата на автопатот на Коридорот 10 кон Македонија.
– Завршувањето на Коридорот 10, поточно на автопатот преку Гледичка клисурата е најважниот инфраструктурен проект на Србија во последните неколку децении. Србија со завршување на Коридорот 10 ќе биде многу поразлична од она што е денес. И за мене како надлежен министер, нема поприродно место од местото каде што овој проект во моментов се завршува. Следната недела, моите соработници, државните секретари, помошниците на министерот и јас ќе бидеме во Грделичката клисура, таму ќе бидеме сместени и целото Министерство ќе биде преместено на Коридорот 10, бидејќи за нас нема поважна работа од тоа – рече министерката Михајловиќ за РТС.
Таа, исто така, нагласи дека лично, на самото градилише, сака да биде убедена во безбедноста и сигурноста на овој автопат.