Лидерите на земјите членки на Г-20 ја потврдија синоќа, во завршната декларација од заклучоците од Самитот во Буенос Аирес, нивната посветеност во борбата против нееднаквоста и поддршката на малите и средните претпријатија.
– Ќе промовираме мерки со цел поттикнување на микро, мали и средни претпријатија и претприемачи, премостување на дигиталната родова нееднаквост и поонатамошната дигитална инклузија, поддржување на заштитата на потрошувачите и подобрување на дигиталното управување, инфраструктурата и мерењето на дигиталната економија – се наведува во декларацијата.
Во заклучоците се наведува и дека лидерите на Г-20 го препознаваат значењето на врската меѓу трговијата и дигиталната економија.
– Ќе продолжиме со работењето на вештачката интелигенција, новите технологии и новите работни платформи – се порачува во декларацијата на Г-20.
Исто така, се укажува на тоа дека инфраструктурата е клучниот двигател на економскиот просперитет, одржливиот развој и инклузивниот раст.
– За да го отстраниме трајниот расчекор во финансирањето на инфраструктурата, ја потврдуваме нашата посветеност на привлекување на повеќе приватен капитал поради вложување во инфраструктурата – се наведува во декларацијата, каде се најавува напредок во 2019 година по прашањето за квалитетот на инфраструктурата.
Лидерите на Г-20 го истакнаа значењето на технолошкиот напредок кој носи економски просперитет.
Во текстот се укажува и на значењето на лесниот пристап до образование, како човеково право и стратешка област на јавната политика за развој на поинклузивни, попросперитетни и помирни заедници.