Стопанската комора на северозападна Македонија денеска пред делегација на ВМРО-ДПМНЕ ја претстави својата платформа, преку која, како што целат од Комората, би можело да се овозможи поповолен економски развој.
На средбата, што се одржала во просториите на Комората, било разговарано и за размена на повеќе идеи за соработка со цел постигнување благосостојбата која ќе влијае на создавањето на заеднички успеси.
– Исто така се дискутираше и за неодамнешните економски случувања во земјата, што во најголем дел тангиран е бизнис-секторот. Секогаш треба да се видат бројните можности преку кои ќе има бенефиции за сите страни, се вели во соопштението од Комората.
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ била предводена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски, а делегацијата на Стопанската комора на северозападна Македонија од претседателот Неби Хоџа.
СКСЗМ, посочуваат оттаму, секогаш е отворена за соработка со сите субјекти и институции, со цел подобрување на економијата во земјата, што може да се постигне само преку разговор и организирање на последователни средби што ќе придонесат за создавање на поповолни услови.
Мицкоски посочи дека целосната содржина на програмата ќе биде објавена пред моментот кога во земјава ќе има предвремени или редовни парламентарни избори.
– Ние сакаме да се консултираме со коморите. Сакаме да ги поддржиме сите оние иницијативи кои што доаѓаат од страна на коморите во Република Македонија. Се разбира кои што значат подобрување на економскиот амбиент во Република Македонија, кои што значат подобрување на животните услови на сите граѓани во Република Македонија, додадена вредност во квалитетот на нивниот живот – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред почетокот на средбата тој истакна дека на неа ќе го престави гледиштето на партијата околу актуелните политики во економијата на моменталната влада.
– Ниското ниво на капиталните инвестиции во Република Македонија вчера слушнавме премиерот како се фалеше во Собранието на Република Македонија на високото ниво на директни странски инвестиции. Еве денеска стигна демант од страна на НБРМ каде што во третиот квартал не само што немаме директни странски инвестиции туку имаме и негативен биланс од 6 милиони евра така што Македонија ја става во групата на дното закована на држави каде што не постои никаква атрактивност за привлекување на директни странски, но исто така тоа ќе повлече и намалување на инвестициската активност и на домашните компании впрочем – истакна Мицкоски пред средбата.
Тој констатираше дека во Република Македонија во моментов има еден комплетно лош амбиент, но според него, она што е пострашно дека не се гледаме визија како понатаму ќе се развива, бидејќи нема проекти на среден и долг рок.