Мала слика за големи говњари

„Колку повеќе пари излегуваат од мојата вреќа, толку повеќе луѓе влегуваат во мојот задник“ (фламанска поговорка).

5070

За крајот на оваа возбудлива и борбена недела, почитувани читатели, одлучив да ви претставам една слика. Насловена е како „Човек со торба пари и подлизурковци“, а дело е на фламанскиот сликар Питер Бројгел Помладиот. Овој член на познатото сликарско семејство е познат и како „Пеколниот Бројгел“, поради сликите со фантастични сцени со оган и гротексни фигури.

Мотив за оваа слика (масло на платно, 1592) е една стара фламанска поговорка, која, во малку послободен превод, гласи: „Колку повеќе пари излегуваат од мојата вреќа, толку повеќе луѓе влегуваат во мојот задник“. Ако добро се погледне ова дело, кое наликува дури и на модерна карикатура, пораката е јасна дури и без да се знае поговорката – парите секогаш носат ласкавци, луѓе кои се вовлекуваат во задникот на богатиот, во надеж дека и тие ќе ќарат дел од богатството.

Бројгел Помладиот има јасен, груб, саркастичен однос кон оваа универзална појава, која ете, очигледно била суперактуелна и во неговото време, штом веќе ѝ посветил едно платно, макар и мало. Човекот со торбата со парите е гол од половината надолу и е во поза на дефекација. Погледнете го неговиот лик, згрчен во презир. Телото на овој човек, несразмерно големо во однос на луѓето што влегуваат во неговиот задник, веројатно е преполно со такви извалкани подлизурковци. Интересно е дека меѓу тие што влегуваат во задникот се препознава и свештеник, според облеката најверојатно од францисканскиот ред.

Има разни објаснувања на иронијата на оваа хумористична слика, изработена врз база на два цртежа од двајца други автори. На пример, се спори околу тоа дали човекот ужива во вниманието (пенетрацијата) на подлизурковците и дали нивните ласкања во неговите сопствени очи го прават поголем одошто е. Затоа ли е насликан со толкаво тело? На анално задоволство евентуално би можела да укажува широко отворената „порта“ на задникот. Или човекот подлизурковците сепак ги есапи за дел од изметот што се спрема да го исфрли, на што, пак, укажува неговата поза на дефекација.

Мене, пак, многу поважен ми се чини еден друг детаљ на сликата. Имено, видливо е дека богатиот човек со својата лева рака буквално истура монети од торбата, а луѓето тоа не можат да го видат, па наместо да тргнат по парите директно, тие се обидуваат да се вовлечат во грандиозната клоака на богаташот. Мислам дека тоа е суштината на иронија на оваа сцена.

Тоа е еден и од најголемите апсурди во природата на подлизурковците. Тие луѓе, едноставно, не сфаќаат дека постои не само подостоинствен, туку и многу поедноставен начин да дојдат до она што им е важно (пари, богатство, слава), одошто да нуркаат во лајна и да се пробиваат низ испреплетените заговнети црева кои им се чинат вистинската патека до целта. Просто е неверојатно колку е понижувачки, дури и бесмислен нивниот опасен потфат, а тие сепак влегуваат во задниците и го следат својот порив. Чиниш се величествени лососи што пливаат кон бистриот извор и патем ги совладуваат брзациите и белутраците, а не обични будалетинки кои ја бараат смислата на битисувањето во тој гомнарски лавиринт, постојано во страв дека еден непредвиден грч на стомакот може да покрене лавина, што ќе ги врати на почетокот, ако воопшто го преживеат давењето во лајна.

Ете, тоа е приказната за оваа слика. Таа е актуелна и денес и мислам дека секогаш ќе буди емоции. Бидејќи ние секогаш сме опкружени со подлизурковци. Но, има и нешто пострашно од тоа – и самите секојдневно сме во искушение да се устремиме кон кафеавата топлина и сигурност што ни ја нуди нечиј гранде задник, а при тоа да ја платиме и цената, која се состои од фалење на величественоста на таа бедна клоака. Знаете веќе како. Браво, браво, браво! Голем наклон за овој или за оној… Итн.

Тие што успеваат да одолеат на тоа искушение, оваа слика ќе ги насмее. Другите, пак, ќе ги скисели. Нема да им се верува дека некој луд фламански сликар пред повеќе од четири века ги фатил на дело и ги насликал, додуша на едно мало платно, со димензии 16,7 х 16,9 сантиметри. Не сакал Бројгел Помладиот да троши повеќе боја за говњари. Поучно.

ПС. Немам посебно објаснување зошто за оваа слика ви расправам баш денеска. Едноставно, некои луѓе и нивните постапки ми се неисцрпна инспирација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...