Humanity Exhibition of Three Authors е насловот на изложбата која се отвара утре (30.11) во галеријата „Колектив“ лоцирана на скопскиот плоштад, а во соработка со ПоптАрт Галеријата од Лондон. Куратор на изложбата е нашата соговорничка Карел Кингсли.
– Јас сум куратор и уметнички ентузијаст, оснивач на ПоптАрт Галеријата во Лондон. Заедно со галеријата „Колектив“ со чии оснивачи се запознав неодамна, ја организираме оваа изложба на тројцата македонски уметници: Перо Кованцалиев, Бојана Божиновска -GAMARO и Ана Јовановска. Во Скопје дојдов поради моето момче кое живее тука. Бев заинтересирана да видам како ќе функционира овде она што го правам во Лондон, па оттука и идејата за утрешниот настан. Претходно бев еден месец и во Австралија па и таму организирав изложба. Накусо, додека PoptArt продолжува да работи првенствено во Лондон, јас сум куратор на изложби и во Бризбејн, Австралија и во Скопје, настојувајќи да негувам разни уметнички стилови и култури. Што се однесува до изборот на уметници, нив ги наоѓам преку Инстаграм, а исто така добивам и препораки и барања – вели Кингсли.
Во најавата за изложбата стои и дека „PoptArt“ се многу возбудени поради соработката со галеријата „Колектив“ која беше отворена на 25.октомври со изложбата на нејзините оснивачи, скулпторот Горазд Христов и фотографката Стефани Павловска Христов.
Што се однесува до приказната на ПоптАрт, таа почнала во 2015. година. Со голема страст кон уметноста, луѓето и просторот, кураторите на ПоптАрт соработувале со голем број уметници со цел да ја обединат онлајн уметничката заедница во Лондон и во странство.
PoptArt работи со pop-up галерија која ги прикажува лондонските уметници додека користат различни уникатни, неактивни или живи простори низ Лондон. Промената на локацијата има за цел да се рашири уметничката мрежа привлекувајќи локална публика. Главната цел на настаните кои ги организираат е да ги споделат уметничките дела и да го олеснат вмрежувањето помеѓу уметниците и уметничките ентузијасти.
Атмосферата на PoptArt се фокусира на пријателска и опуштена средина кадешто уметниците можат да уживаат заедно со јавноста, истовремено објаснувајќи го потеклото и техниката на нивната работа.
Претстојниот настан/изложба „Хуманост“ е всушност она што го најавивме погоре, а ќе се случува во текот на три дена, од отварањето на изложбата на 30.11 до 2. декември, од 19-23 часот секој ден. Изложбата на тројца автори, ја прикажува работата на 3 различни уметници кои зборуваат за концептите на општеството и за табуата.
Иако повод за разговорот беше утрешниот настан на PoptArt и на галеријата „Колектив“, ја прашавме Карел и нешто приватно: дали има шанси наскоро да стане македонска снаа?
– Хаха, никогаш не се знае! Возможно е. Ние сме заедно 9 месеци, па уште е рано да се каже, но сепак, би сакала, еден ден – ни одговори таа.