Дванаесет лица во Словенија се осомничени за повеќе казниви коруптивни дела во банкарскиот сектор, а еден од нив е задржан во притвор откако Националното истражно биро (НПУ) покрена истрага.
Според „Пословни дневник“ истрагата на подрачјето на Марибор и на Крањ завршила во вторникот вечерта, при што биле пуштени на слобода 11 приведени лица, а на едно лице му е одреден притвор.
Под сомнеж се две банки, едната од Марибор, додека другата има седиште во Крањ и филијала во Марибор. Всушност постои сомнеж дека банкарските службеници барале недозволени награди за одобрување на кредит. Според полицијата за одобрувања на кредити вкупниот износ на побарани средства е над 400.000 евра, но сите не биле исплатени.
– Поединечни банкари како услуга барале недозволена награда во облик на процент од поединечен кредит – изјави истражителот на НПУ, Дарко Мајхенич, додавајќи дека тие за одобрување на кредит барале од 2.000 до 170.000 евра.
Според словенечките медиуми мито барале службениците на мариборската банка НКБМ и мариборската филијала на банката ЛОН од Крањ.
Словенечкиот дневен весник „Вечер“ објави дека под истрага е и начинот како е одобрен кредитот за финансирање на покривот на мариборската главна автобуска станица, што го подигна градското комунално претпријатие.