За решавање на проблемот со оризопроизводството потребни се системски мерки и политики на долг рок. Заради трендот во последните 10 години на значително намалување на засадените површини под ориз, годинава се исплатени зголемени субвенции за 300 проценти, а мерките веќе даваат резултати, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
– Ако минатата година имавме пријавено за субвенции 2.302 хектари засадени со ориз, оваа година имаме 2.815 хектари. Сметаме дека политиките кои ги превземаме даваат соодветни резултати, иако не сметаме дека тоа е доволно, продолжуваме во тој правец. Ако во измината година субвенцијата беше зголемена за 300 отсто, на следната владина седница ќе биде додефинирана мерката за дополнителни пет денари за килограм од годинашната реколта, од 15 октомвти 2018 до 31 март 2019. Оваа мерка викендот ја дефиниравме со премиерот и институциите, а е поддржана и од земјоделците – рече Николовски.
Според него, оваа мерка очекува да опфати околу 10.000 тони ориз, а целта е да се предаде оризот, да се раздвижи пазарот и да биде извезен.
– Владата ги следи проблемите на земјоделците и соодветно и навреме реагира со зголемување на поддршката – рече Николовски.
Најави шест милиони денари поддршка и за Институтот за ориз, а се со цел зголемување на површините под ориз, која е една од извозно ориентираните гранки.
Во однос на цените, според Земјоделскиот пазарен инспекторат оризот се откупува од 15 до 20 денари арпа, а за белиот ориз цената достигнува до 40 денари.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Иван Иванов, оризот не се предава од производителите поради непостигнување на откупната цена која тие ја бараат – 50 денари за бел ориз и до 25 за килограм арпа.