Индустриското производство во октомври годинава бележи раст од 6,4 отсто во однос на септември годинава, а за периодот јануари-октомври растот е 5,2 отсто во однос на тој период лани, објави Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот „рударство и вадење на камен“ во октомври 2018 година, во однос на октомври 2017 година, бележи пораст од 12,9 отсто, во секторот „преработувачка индустрија“ бележи пораст од 6 отсто, а во секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ пораст од 7 отсто.
Зголемувањето во секторот „преработувачка индустрија“ е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, производство на пијалаци, производство на текстил, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место, производство на моторни возила, приколки и полуприколки и производство на мебел.
Според главните индустриски групи, производството во октомври 2018 година, во однос на октомври 2017 година, бележи пораст кај енергија за 8,1 отсто, интермедијарни производи, освен енергија за 9,1 отсто, капитални производи за 6,7 отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 33,3 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,3 отсто.