Деталниот урбанистички план (ДУП) на општина Центар кој се однесува на парцелата спроти хотелот „Холидеј Ин“ може да се смени само во однос на катноста на објектите кои треба да се градат, но не и во однос на намената на градежното земјиште, велат од Министерството за транспорт и врски, откако јавноста реагираше на продажбата на 9.000 метри квадратни државно земјиште на фирмите МГ Фешн и „Обновители“ за оформување на градежен плац.
Оттаму појаснуваат дека намената на земјиштето може да се промени само со промена на Генералниот урбанистички план (ГУП) кој го носи Град Скопје и потоа со усогласување на Деталниот урбанистички план на Општина Центар. Генералниот урбанистички план на Град Скопје се менува на секои 10 години, а последната промена е направена во 2012 година.
– Моментално во Генералниот урбанистички план и усогласениот Детален урбанистички план на општина Центар на тој дел е планирана изградба на станбени и деловни објекти со висина на некои од нив и до 60 ката – појаснуваат од Транспорт.
Од Транспорт додаваат и дека промена на Генералниот урбанистички палн во целост или за одделни делови, доколку се заинтересирани може да побараат граѓани, здруженија или општината Центар.
Промена на Деталниот урбанистички план на општина Центар вчера најави и градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, со образложение дека тоа била и целта на мораториумот на градби донесен на 27 декември 2017 година.
Тој додаде дека сѐ додека трае мораториумот можните инвеститори на градбите кај „Холидеј Ин“ нема да добијат дозвола за градба. Исто така, информира и дека досега не е доставено никакво барање за дозвола за градба за спорната парцела.
Од Министерството за транспорт денеска појаснија дека и во овој случај со парцелата кај „Холидеј Ин“ немале законска можност да запрат оформување на градежна парцела, бидејќи на таа парцела нема планирано изградба на објекти од значење на државата како болници, на пример, што е услов за запирање на дооформување на градежна парцела и продажба на државно земјиште. Од Министерството додаваат и дека законски морале да го продадат земјиштето.
– Фирмите МГ Фешн и „Обновители“ поседуваат 30 отсто од земјиштето и законски можат да побараат оформување на градежен плац. Продажбата на државното земјиште со површина од 9.000 квадратни метри е направена според Законот за градежно земјиште по цена утврдена во Уредба донесена од Владата во 2016 година која важи за физички и за правни лица. При тоа е земена повисоката цена која е утврдена за деловен простор од 312 евра, а согласност за законитоста даде и државниот правобранител – велат од Министерството.
Министерството во ваков случај ниту формира цена ниту пак има можност да одговори негативно на барањето за оформување на парцелата, бидејќи според Генералниот урбанистички палн што го носи Град Скопје и Деталниот урбанистички план кој треба да биде усогласен со него, кој го носи Општина Центар на тој дел е планирана изградба на станбени и деловни објекти.