Совет за човекови права: Могерини го злоупотребува Тачи за да го урне Харадинај

129
ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово (КМДЛЊ) смета дека високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини сака да ја урне Владата на Рамуш Харадинај и за таа цел го злоупотребува косовскиот претседател Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на КМДЛЊ се наведува дека Могерини на тој начин врши „флагрантно мешање во внатрешните работи на Косово“.

– Федерика Могерини, со тоа што бара од Тачи да ја укине таксата од 100 отсто на српските производи, на флагрантен начин се меша во внатрешните работи на Косово, обидувајќи се преку Тачи да го урне премиерот Харадинај, со што, освен таксата од 100 отсто ќе елиминира и еден решителен противник на корекцијата на границите и на тој начин многу ќе му ја олесни работата на претседателот Тачи. Претседателот на Косово не ја воведе таксата од 100 отсто на стоките од Србија и Босна и Херцеговина и нема надлежности да ја укине – порачува КМДЛЊ.

Според оваа невладина организација, воведувањето на спорната такса од страна на косовската Влада е сосема оправдано, со оглед на бројните пречки што ги поставува Србија на патот на Косово кон интеграцијата во меѓународните механизми.

Од друга страна, смета КМЛДЊ, заложбите на Могерини за укинување на таксата, се „спротивни на сите деморатски принципи и вредности, со неморален притисок, кој наликува на класично уценување“.

За протестите на Србите во северно Косово, Советот вели дека се организирани од Србија и дека „таската од 100 отсто ја користат само како повод, додека целта е создавање ситуација на доведување пред свршен чин по евентуалното потпишување на договор меѓу Тачи и (српскиот претседател, Александар) Вучиќ“ за поделба на Косово.

– Бојкотирањето на централните институции претставува прв чекор кон поделбата, на што не се спротивставуваат ниту меѓународниците, а посебно не Могерини, која има патерналистички однос кон Србија и бунтовниците на север кои (градоначалниците, други службени лица, министри Срби во Владата на Косово, пратеници во Собранието, судии и обвинители) се плаќаат од Буџетот на Косово, а се водачи на протестите и на бојкотот на косовските институции – се вели во соопштението на КМЛДЊ.

Според оваа организација, високата претставничка на ЕУ е „неморален уценувач кој ги крши елемнетарните човекови права во Косово“.

– Во неможност да влијае врз премиерот Харадинај, таа го користи полесниот пат – му се заканува на Харадинај, злоупотребувајќи го претседателот Тачи – заклучува КМЛДЊ.

ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...