Ердоган: Самите сме одговорни за кризите што ги преживуваме, за крвта, за солзите

74

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган оцени дека муслиматите се самите виновни за тоа што им се случува и за кризите во нивните земји.

– Ние самите сме одговорни за кризите што ги преживуваме и за крвта и солзите. Не смееме да паднеме во стапицата на оние кои велат дека капка нафта е повредна од капка крв и не треба да се вклучиме во игрите на оние кои се обидуваат да не скараат – изјави Ердоган во Истанбул при обраќањето на почетокот на заседанието на Постојаниот комитет на Организацијата на исламската конференција (ОИК).

Според него, одговорноста за проблемите со кои се соочуваат, муслиматите не треба да ги бараат на други места, туку кај себе.

– Ако денес милиони луѓе гладуваат и живеат под отворено небо во Јемен, нема потреба да ги бараме одговорните на друго место. Кој е одговорен? Повторно ние, муслиманите – порача Ердоган.

Турскиот претседател се заложи и за „цврста поддршка за Палестина“, порачувајќи дека нема да биде дозволено „окупаторот Израел да ја угаси светлината на Ерусалим“.

– Доколку Палестинците опстојат на својата кауза, окупаторите никогаш не ќе можат да ги постигант своте цели – нагласи Ердоган.

Тој ги повика муслиманските земји меѓусебните трговски зделки да ги плаќаат во националните валути, како едно од начините за борба против „оковите на империјализмот“.

– Користењето на националните валути е од клучно значење за разбивање на оковите на империјализмот – порача Ердоган, нагласувајќи дека плаќањето во национални валути е едно од средствата за намалување на притисокот врз девизните курсеви.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...