Несогласувања за пристапот кон нуклеарниот предизвик кој го претставува Северна Кореја биле клучен фактор за одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп да го смени Рекс Тилерсон од функцијата државен секретар, соопштија добро информирани високи дипломатски извори.
Изворите тврдат дека Тилерсон одамна поддржувал преговори со Северна Кореја, на големо незадоволство на Трамп, кој сакал да продолжи да врши притисок врз Пјонгјанг пред да прифати покана за средба со Ким Џонг-ун.
Тоа довело до стравување дека државниот секретар може да е премногу наклонет на отстапки кон Северна Кореја и во последниве недели Трамп подготвил план за замена на Тилерсон со директорот на ЦИА Мајк Помпео. Меѓу клучните цели на планот било тој да се смени пред да продолжи да работи на севернокорејското прашање, тврдат иситите извори.
Тилерсон не знаел за одлуката на Трамп да го прифати повикот на Северна Кореја за средба со Ким Џонг-ун. Државниот секретар на САД бил повикан да поднесе оставка за време на посетата на Африка, пред да ги посети Нигерија и Чад, но замолил да се почека на негово враќање во земјата, пред да биде објавено дека ќе биде сменет од функцијата.
Анкетата на „Политико“ и компанијата „Морнинг кансалт“ објавена вчера покажува дека американските гласачи се поделени по прашањето дали Трамп треба да се сретне со Ким без предуслови за укинување на нуклеарната програма на Северна Кореја.
Вкупно 41 отсто поддржуваат средба без предуслови, а 36 отсто сметаат дека двајцата лидери треба да се состанат само ако Ким направи првични отстапки. Вкупно 24 проценти немаат мислење.
Според друго истражување, 45 проценти од американските гласачи веруваат дека претседателот може да се справи со севернокорејското прашање, 16 проценти од немаат особено доверба во него, а 31 процент немаат никаква доверба.