Кинотеката на Македонија од овој месец стана член на Европската мрежа на киноприкажувачи – „Europa Cinemas“.Главните цели на оваа европска мрежа се да обезбеди оперативна и финансиска поддршка на кината кои се обврзуваат значаен дел од нивните прикажувања да заземаат европски филмови кои не се од национално потекло, како и да реализира активности за младата публика.
Како што соопшти Кинотеката на македонија, поддржана уште од зачетокот од страна на Европската комисија (Креативна Европа / Програма за медиуми) и од Националниот центар за филм на Франција (CNC), Европската мрежа на киноприкажувачи е првата мрежа на кина кои се фокусираат на европски филмови. Создадена е во 1992 година од страна на група од 30 киноприкажувачи, а за 25 години прерасна во мрежа која обединува повеќе од 1.100 кино сали (скоро 3000 филмски платна) во 43 држави. Преку спроведените програми за поддршка и Еуроимаж таа се прошири и надвор од Европа во Азија и Канада со што придонесува европската културна разновидност да се споделат низ светот.
– Голема е честа што сме членови на оваа мрежа на европски киноприкажувачи. Сепак, одговорноста е поголема, не само кон здружението на кое станавме член, туку и кон нашата верна публиката која секогаш знае да препознае квалитетни филмови, а тие во голема мера доаѓаат од европската кинематографија кон која припаѓа и нашата македонска кинематографија. Оваа година Кинотеката бележи рекордна „реколта“. Рекордот е веќе достигнат, а целта од 15.000 посетители на кинопретставите во Кинотеката до крајот на 2018 г., кон која стремевме на почетокот на годината, е веќе извесна. За следната година се надеваме на уште подобри резултати и уште побогата филмска програма што ќе ја реализираме и со помош на финансиските средства што ќе се обезбедат преку членството во оваа мрежа – вели Владимир Ангелов, в. д. директор на Кинотеката на Македонија по повод членството во европската мрежа на киноприкажувачи.