Порошенко со порака до Путин: Ве молам излезете од Украина

113
ФОТО: EPA / JASON SZENES

Украинскиот претседател Петро Порошенко во интервју за Ен-Би-Си Њуз изјави дека има порака за шефот на руската држава Владимир Путин, која би сакал лично да му ја пренесе неговиот американски колега Доналд Трамп за време на претстојниот Самит на Г-20 во Аргентина.

– Мојата порака гласи: Ве молам излезете од Украина, господине Путин – изјави Порошенко.

Тој нагласи дека украинската армија е подготвена да ја брани својата земја, за што смета на ветената поддршка од САД.

– Сметаме на САД. Сметаме на американскиот народ – изјави украинскиот претседател.

Порошенко потенцира дека ако дојде до војна, Украина ќе пружи жесток отпор, нагласувајќи дека Русија „ќе плати висока цена“ ако ја нападне земјата.

– Ќе се бориме за нашата слобода, за нашата демократија, за нашата земја – порача Порошенко.

Како што претходно јави МИА, Порошенко синоќа обвини дека Русија драстично го засилила своето воено присуство на границата со Украина, предупредувајќи на опасност од „тотална војна“ меѓу двете земји.

Инаку, од денеска во Украина во сила стапи одлуката за воведување воена состојба во 10 региони долж границите со Русија и Молдавија и областите крај Црното и Азовското Море, за период од 30 дена.

Тензиите меѓу Украина и Русија ескалира по инцидентот во неделата, кога руската армија отвори оган врз три украински воени брода, кои се обиделе од Црното Море да влезат во Керченскиот Теснец. По вооружениот инцидент, руските сили ги задржаа украинските бродови заедно со 24-ца членови на нивните екипажи.

ФОТО: EPA / JASON SZENES

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...