Нови 80 вработувања во Ансамблот на албански ора и песни

Буџетот на самото Министерство изнесува 215,5 милиони денари, а буџетот за финансирање на дејностите од областа на културата изнесува 2,9 милијарди денари.

802

Предлог-буџетот на Министерството за култура за 2019 година изнесува 3,1 милијарди денари. Буџетот на самото Министерство изнесува 215,5 милиони денари, а буџетот за финансирање на дејностите од областа на културата изнесува 2,9 милијарди денари. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за култура Асаф Адеми.

– Повеќе од 92 отсто од планираните средства од вкупниот буџет на Министерството за култура се предвидени за финансирање на дејностите од областа на културата, околу осум отсто се предвидени за трошоците на администрацијата на Министерството – рече Адеми.

Тој потенцира дека во Предлог-буџетот за следната година има зголемување на средствата во ставката разни трансфери, односно има директно зголемување за културните активности. Во 2018 година во оваа ставка биле одобрени 904 милиони денари, а во 2019 година се предвидени 936 милиони денари или 32 милиони денари поголем буџет од лани.

– Годинава 32 отсто од разделот дејности од областа на културата се предвидени директно за културни активности што претставува највисок процент и вредност споредбено со претходните години – рече Адеми.

За Агенцијата за филм на Република Македонија за разлика од лани, кога биле одобрени 150 милони денари за програмски активности, во овој Предлог-буџет се предвидени 170 милиони денари или зголемување од над 13 отсто. Истиот процент важи и за зголемувањето во трансферите за фолклорна и сценско-уметничка дејност.

Како дел од Стратегијата за културниот развој 2018-2022 година и Стратегијата за рамномерен културен развој во руралните општини, во Предлог-буџетот за 2019 се предвидени 125 милиони денари за капитални инвестиции за единиците за локална самоуправа. Во 2018 година за оваа намена беа предвидени 10 милиони денари. Адеми најави дека ќе се објави конкурс за општините со јасни приоритети и критериуми и оти транспарентно јавноста ќе биде известена за кои општини тие средства ќе бидат доделени.

Со предложениот буџет за 2019 година во делот капитални инвестициски проекти, Министерството за култура ќе планира реконструкции на објектите на Центарот за култура во Гостивар, Театарот во Куманово, Театарот во Прилеп, Центарот за култура во Кочани – втора фаза. Се предвидува реконструкција на покрив на стар дел од објектот на Националната библиотека во Скопје, реконструкција и пуштање во употреба на Албанскиот театар, изградба на театарот и библиотеката во Тетово со што ќе заврши првата фаза, за изградбата на стариот театар во Струмица и реконструкција на други објекти од областа на културата.

– Обезбедени се средства за нови 80 вработувања во Ансамблот на албански ора и песни и за 27 вработувања за новоформираниот Гостиварски театар. Мојот главен приоритет останува новиот закон за јавен интерес во културата. По усвојувањето на овој закон во Собранието на Република Македонија и по усвојувањето на законот за јавна администрација ќе бидат остварени условите за потпишување на колективниот договор во културата. По анализите на стручните служби на Министерството за култура и претствниците од репрезентативен синдикат, средствата потребни за остварување на колективниот договор ќе бидат обезбедени – рече Адеми.

Тој најави дека и во иднина ќе работат посветено на унапредување на културниот развој, дисперзија на културата и нејзина достапност до сите граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...