На Марс вечерва околу 20,53 часот треба да слета сондата на НАСА Инсајт. Сондата е опремена со низа инструменти со кои ќе може да копа и да го истражува тлото на црвената планета. Сензорите ќе може да ги забие и до 5 метри во длабочина.
Првото вселенско летало на НАСА што последниве шест години го посетува Марс е на неколку минути од завршувањето на тешката и нервозна почетна фаза од мисијата.
Лансиран од воздухопловната база Ванденберг во Калифорнија, истражувачкиот дроид ја почна својата мисија уште на 5 мај. Оттогаш, сондата трпеливо се движеше кон својата цел, на рамнината Елизиум на Марс.
Се смета дека тоа е местото каде што Инсајт ќе има најголема шанса да ги собере саканите податоци за планетата.
Кога ќе слета, Инсајт веднаш ќе се фати за работа – да се обиде да ги разбере тајните што лежат под Марс, првпат во историјата.
Но пред да почне, сондата мора да го помине потенцијално смртоносниот пат низ атмосферата на Марс за да стигне до таа површина. Она што инженерите го опишуваат како „седум минути страв“ е патувањето во кое е поголем бројот на сондите што досега не успеале да го завршат, отколку на оние што успеале.
Фото: EPA/NASA/JPL-CALTECH HANDOUT