Косовската полиција денеска ја приведе на информативен разговор Силвана Арсовиќ, секретарка на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), чиј лидер беше Оливер Ивановиќ, кој беше убиен во јануари годинава во северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста за приведувањето на Арсовиќ, што се случило околу пладне во канцелариите на партијата, ја потврди потпретседателката на СДП, Ксенија Божовиќ.
– Две лица во цивилна облека дојдоа денеска во нашите канцеларии и побараа од Силвана да замине со нив во полициската станица во северна Митровица, за да ја дополни изјавата за убиството на Оливер. Меѓутоа, таа воопшто не е испитувана во Митровица, туку е однесена директно во Приштина. Навистина не знам што се случува и не знам што има да се дополнува во нејзината изјава, кога Силвана три пати даде изјави пред специјалниот обвинител во врска со убиството на Оливер, изјави Божовиќ.
Специјалните единици на косовската полиција во петокот изведоа обемна акција во северна Митровица, при што упасија четири лица од српска националнот, од кои тројца осомничени за вмешаност во убиството на Ивановиќ.
Двајца од уапсените се припадници на косовската полиција, а во акцијата е запленето и нелегално оружје и друг доказен материјал. Акцијата на косовската полиција предизвика вознемиреност кај локалното српско население.
Фото: EPA-Djordje-Savic