Министерството за економија објави нов, втор оглас за доделување субвенции за печки на пелети кој ќе се финансира од пари обезбедени со ребалансот на буџетот за годинава.
– Министерството за економија доби дополнителни средства во износ од 7.000.000 денари за субвенционирање печки на пелети за домаќинствата. Оваа мерка е и во согласност со владиниот План за чист воздух- информира на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој рече дека огласот е отворен од денеска до 12 декември.
-Сите домаќинства кои ќе аплицираат ќе имаат можност да бидат субвенционирани со до 50 отсто од сумата, но не со повеќе од 500 евра во денарска противвредност- појасни Бектеши.
Право на учество на овој оглас имаат граѓаните кои имаат купено печки на пелети во своите домови во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година и кои ќе поднесат барање за искористување на правото на надоместок.Доделувањето на поддршката на домаќинствата е по принципот „прв дојден – прв услужен’’.
На првиот повик субвенции добиле над 450 домаќинства, додека со вториот повик ќе бидат субвенционирани 230 домаќинства.
– Во рамки на програмата за намалување на загаденоста во Република Македонија ние како Влада сме целосно посветени за субвенционирање во наредниот период на над 20.000 домаќинства во Република Македонија што се однесува на печки на пелети- рече Бектеши.