Дирекцијата за култура и уметност-Скопје денеска ги додели трите награди од првиот конкурс за новинарски есеј на тема „Визија за европско Скопје“, кои се обезбедени со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Конкурсот беше распишан во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ и по повод Денот на ослободувањето на главниот град.
Од 20-тина пристигнати есеи, жирито во состав: Томислав Османли (претседател) и Елизабета Кузамановска и Никола Глигоров (членови) одлучија првата награда да ѝ биде доделена на Кристина Шумадиева од Кафепауза.мк за текстот „Скопје е мој и твој град – ајде помогни да го направиме уште поубав!“.
Втората награда ја доби Бојан Шашевски од Младински образовен форум (МОФ) за есејот „Скопје кога ќе порасне сака да биде европски град“, а третата за Тања Сарандеска од Утринска програма на МРТ за „Ноември во мојот град“. Финалисти беа уште два есеја чии автори добија признанија – „Мојот визионер“ на Анита Никушева-Јованчев и „Со локални ресурси до европско Скопје“ на Сунчица Николоска.
Според жирито, текстовите што учествувале на конкурсот содржат чувства на незадоволства од реалноста во која мачно опстојува главниот град, а од друга страна љубов кон Скопје доживувано било како семеен роднокрај на нивната и на претходните генерации или, пак, како место во кое авторите сакаат да продолжат да ја живеат својата подобра иднина.
За првонаградениот есеј претседателот на жирито Османли рече дека плени со искрениот, автоироински и нагласен критички тон и дека неговиот фокус е социјален и индивидуален.
– Тој е куса, горчлива, јадровито предадена исповед во која, речиси без анестезија, се искажани клучните проблеми на попречената европска перспектива на младиот човек и на градот – рече Османли.
За добитникот на втората награда, посочи дека е свежа критички интонирано визија, „конструктивна листа на предлози за подобрување на градот кој, на тој начин, треба и европски да се сака“, а третонаградениот есеј, пак, според жирито, „го спротивставува реалниот град и градот од сонот за едно поинакво, чисто и воопшто подобро Скопје“.
Наградите ги врачи евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбогар кој рече дека имал можност да посети неколку настани од манифестацијата „Денови на европско Скопје“ која се одржуваше од 4 до 7 ноември. Меѓу нив го издвои концертот на Влатко Стефановски за кој рече дека тој и неговата музика се одличен бренд за промоција на Скопје како еден од европските градови на културата.
– Ме радува што учествувам во проект што ја открива и промовира европската особеност на вашиот град. Го поздравувам фактот што организаторите им даваат можност на млади архитекти, фотографи, новинари и уметници да говорат за европско Скопје по повод роденденот на градот – рече Жбогар.
Организаторите соопштија дека наскоро официјално ќе го објават вториот конкурс за новинарски есеј во 2019 година, кој ќе биде на тема „Тебе, граду мој“ и ќе биде во знакот на одбележувањето 40 години од фестивалот „Скопско лето“ кој го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI