За жал, инаетот на ВМРО-ДПМНЕ не дозволи поинаку!

Да, имаше начин Законот за употреба на јазиците да се донесе во нормална процедура, со амандманска расправа и со гласање за амандманите. Но, ВМРО-ДПМНЕ ја силуваше процедурата и го тестираше владејачкото мнозинство, не оставајќи му друг избор освен Гордиевиот јазол да го пресече со меч.

11923

И мене не ми се допадна донесувањето на Законот за употребата на јазиците без процесирање на амандманите поднесени од опозицијата. Но, да бидам искрен, не сум спремен да го осудам владејачкото мнозинство за одлуката да постапи на ваков непопуларен начин, затоа што поднесувањето на повеќе од 30.000 амандмани беше очигледен обид да се блокира парламентот и по никоја цена да не се дозволи усвојувањето на еден закон, за кој – го нагласувам ова! – постоеше и постои јасно изразена мнозинска волја во законодавниот дом.

Имаше ли начин законот да се донесе како што треба, со амандманска расправа и со гласање за амандманите? Да, секако дека имаше таков начин. Во мојот последен телевизиски настап, предложив едно такво решение, повикувајќи се на праксата во Собранието од нашето дамнешно минато – имено, предложив казнените одредби од целосно да се избришат (а тоа значи да се прифатат повеќе од 90 отсто од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ) и да се донесе остатокот од Законот, кој, всушност, ја дефинира суштината на рамноправната службена употреба на „мнозинскиот“ и на „малцинските“ јазици. Подоцна, после неколку месеци, по очекуваното смирување на тензиите, можеше да се донесе посебен закон за извршување на Законот за употреба на јазиците, во кој ќе беа пропишани казнените одредби, веројатно поблаги одошто сега (тие, во крајна линија, не се суштината на законот).

Но… Спроведувањето на една ваква постапка подразбираше компромис на сите инволвирани страни во процесот: СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Заев одвај успеа донесувањето на законот да го одложи на една недела. Притисокот од ДУИ беше разбирлив, со оглед на фактот што ова прашање беше дел од успешниот коалициски договор со СДСМ, исто како и дел од неуспешниот договор со ВМРО-ДПМНЕ. Имам впечаток дека можеше да се искамчи уште малку трпение и од Али Ахмети. Но, ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно покажа дека со силувањето на собраниската процедура со над 30.000 амандмани, не само што сака по секоја цена да го спречи донесувањето на Законот, туку сака и да ја тестира цврстината на политичкиот договор помеѓу СДСМ и ДУИ, кој е основа на стабилноста на парламентарното мнозинство.

Ете, така дојдовме до непопуларната, но веројатно единствено можна одлука Гордиевиот јазол да се пресече со меч – законот се усвои така како што се усвои, а на вмровските прваци им се дозволи неказнето (значи, без ќотек и без енергична акција на собраниското обезбедување) да одглумат малку силеџиство на собраниската говорница и така да си обезбедат алиби пред своите поддржувачи.

Што и како понатаму? Според мислењата на угледни експерти, кои го почитувам, Законот за употреба на јазиците содржи некои спорни и неприменливи одредби. Тројца адвокати, на пример, овие денови буквално ми ја „нацртаа“ неприменливоста на одредбата која пропишува целосно двојазично водење на судските постапки. Но, мојот одговор на овие забелешки е едноставен – она што реално е неприменливо, нема ни да може да се применува. Одредбите што се неприменливи принудно ќе се толкуваат „креативно“ и на начин што ќе овозможат заживување на Законот и остварување на неговата основна цел – граѓаните Албанци со својата држава службено да комуницираат на својот мајчин јазик. Тоа е смислата, тоа е духот на овој закон.

Затоа сум голем оптимист во проценките дека Законот за употреба на јазиците нема да го загрози македонскиота јазик, нема да ја „албанизира“ Македонија, нема да ги блокира институциите и нема да ни го загорчи животот. Тој Закон има силно симболично значење за Албанците, но има и за нас, Македонците, бидејќи ние сме тие што овозможуваме продлабочување на мултикултурализмот во нашето општество. Тоа за Македонија не е хендикеп, туку предност. Тоа е вредност што Европа ќе ја препознае.

А луѓето, како луѓе… Тие се практични суштества и секогаш тежнеат кон тоа законите да ги спроведуваат на начин што на сите им одговара, без да се создаваат потешкотии и блокади во правниот сообраќај и во секојдневниот живот. Така било секогаш, така ќе биде и сега.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...