Денеска во 12 часот во холот на НУ Музеј на македонската борба ќе биде поставена изложбата „На маргините на Скопскиот регион, сакрални објекти и рурална архитектура“ од Дарко Николовски.
Изложбата е фото сторија на Дарко Николовски и го опфаќа богатото културно наследство кое, и покрај видно нарушената состојба, сведочи за автентичноста и континуитетот на македонската градителска и зографска традиција. Направен е избор од големиот број споменични добра во скопскиот регион, но пред сè на оние кои се оставени на маргините од каде полека, но сигурно, одат во заборав од луѓето и времето.
Изложбата е во организација на Центарот за културно и духовно наследство, а се реализира со поддршка на Град Скопје и ќе биде отворена до 3. декември.