Бранка Костиќ Марковиќ изнесува низа невистини и клевети со кои сака да му нанесе штета на угледот и реномето на Македонската филхармонија, вели во демант што го испрати денеска директорот Виктор Илиески.
Претходно Костиќ Марковиќ, обвини дека на домашна адреса добила решение потпишано од министерот за култура за разрешување од функцијата прв човек на Управниот одбор. Нејзино разрешување, како што стои во документот потпишан од министерот за култура Асаф Адеми побарал директорот Илиевски.
„Откако Костиќ Марковиќ увиде дека нема простор да се вработи во нашата институција, започна да ја попречува работата на „Македонската филхармонија“. Од 2.10.2018 г.поради лични интереси го кочеше процесот на усвојување на новата систематизација. Како директор на НУ „Македонска филхармонија“ сум должен да го известам Министерството за култура за работата на Управниот одбор и сите недоследности кои произлегоа од претходниот претседател на УО Костиќ Марковиќ. Македонската филхармонија е сериозна институција. Нема да дозволиме личните интереси на поединци да застанат на патот на успешноста која ја гради нашата институција седум децении. Мојата шеснаесетмесечна работа и резултати се потврда на таа посветеност“, вели Илиески.