Прилепските компании објавија војна на недостигот од кадар

Ќе се бара стимулација од државата за македонските компании.

837

Со два проекта прилепската регионална стопанска комора почнува да го решава големиот проблем за стопанството – недостигот од квалификувана работна рака.

Во Комората е формирана работна група која интензивно работи на проблемот. Според Јасмина Цветаноски, од работната група, првична е комуникацијата на компаниите со средните стручни училишта и спроведувањето практична настава. Веќе е остварена средба на компаниите со директорите на стручните училишта.

-Првиот проект на кој работиме е зајакнувањето на соработката помеѓу компаниите и средните стручни училишта. Односно, отворање на вратите на компаниите за практична настава за средношколците која ќе ја одржуваат ментори од компаниите и од училиштата. Во целиот проект се вклучени: Регионалната стопанска комора, компаниите, стручните училишта, Центарот за стручно образование и обука и Швајцарскиот проект – едукација за вработување. Компаниите индивидуално ќе одлучуваат за стимулација на средношколците и на менторите во овој процес. Како втор проект е анализата за дефицитарен кадар на регионално ниво за да може со локалната самоуправа да влијаеме на уписната политика во средните училишта во соработка со Министерството за образование и наука- објаснува Цветаноски.

За правниот советник Орде Георгиески битно е да се покрнат и правни регулативи. Ќе се бара стимулација од државата за македонските компании.

-Потребата е домашното стопанство да биде еднакво конкурентно како странските работодавци во Македонија. Ќе излеземе и со иницијатива за измени и предлози за законот за ТИРЗ-ови, во смисла за поддршка и олеснувања на државата за вработување нови лица во домашните компании. Потребни се и даночни олеснувања, вели Георгиески.

Според претседателот на Комората Ирена Јакимоска многу е битно подобрувањето на животниот стандард на работниците за младите да не заминуваат во странство. Анализата за состојбите се прави прв пат.

– Анализата за потребите на компаниите за стручен кадар, за прв пат ја правиме и тоа за оптимален период од пет години за младите да се насочат во соодветното стручно образование. Всушност, загубена е вербата, се прашуват зошто да бидат едуцирани и кој би бил крајниот резултат. Од друга страна, крајно време е работодавците да работат на надградба на животниот стандард на своите врбаотени како основен капитал, а треба и да внимаваме да не ја загубиме и конкурентската позиција, особено на извозно ориентираните компании. Јас верувам дека степенот на иселувањето на младите ќе се намали доколку тие видат позитивни промени во општеството. Тие ќе работат во странство, но ќе се вратат со поголеми искуства и побогати знаења, корисни за општеството – објаснува Јакимоска.

Неодамна прилескиот тутунски комбинат во соработка со Филип Морис инвестираше во средното електро-индустриско училиште „Ристе Ристески Ричко“ во опремување кабинет за практична настава за подготвување соодветни кадри за компанијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...