Борко Стефановиќ, претседател на партијата Левица на Србија и еден од основачите на Сојузот за Србија, изјави денеска дека нападот врз него и врз двајцата активисти на партијата во Крушевац не е случаен, туку е организиран и претставува смислен обид за убиство.
Тој на прес-конференција во Белград, на која присуствуваа и водачите на опозицијата Борис Тадиќ, Драган Ѓилас, Саша Јанковиќ, Вук Јеремиќ, Милош Јовановиќ, Небојша Зеленовиќ и Јанко Веселиновиќ, изјави дека напаѓачите се блиски до контроверзниот бизнисмен од Крушевац кој е поврзан со шефот на разузнавачката служба на Србија (БИА) Братислав Гашиќ.
– Го следеа нашето движење низ Крушевац, не фотографира, знаеја каде сме и имаа намера да извршат убиството, бидејќи добив удар со метален предмет во пределот на главата, рече Стефановиќ, додавајќи дека овој напад нема да ја сопре опозицијата.
– Србија никогаш повеќе да не биде држава на крвави кошули и пуштање на крв на оние кои поинаку размислуваат. Мене не ме нападна никаква атмосфера, туку организирани криминалци блиски до властите и луѓето кои владеат во Крушевац. Режимот на Александар Вучиќ ги подели луѓето на оние кои се со нив и на непријатели, а луѓето кои вчера се обидоа да нè убијат беа организирани и подготвени. Ништо спонтано таму немаше, изјави Стефановиќ.
Лидерот на коалицијата Сојуз за Србија, Драган Ѓилас истакна дека „Александар Вучиќ е главен виновник за она што се случи минатата ноќ во Крушевац и тоа многу поголем виновник од тепачите“.
Тој, исто така, испрати порака до високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини дека повредите на Стефановиќ и на другите двајца се доказ за тоа колку Србија демократски напредувала.
Саша Јанковиќ од Граѓанскиот блок 381 рече дека лидерите на опозицијата се заедно во вакви ситуации и ќе го бранат секој граѓанин од „оваа антицивилизациска власт“.
Во Крушевац синоќа пред одржување на трибината на опозицискиот Сојуз за Србија, брутално е претепан Борко Стефановиќ и активистите на оваа партија Бобан Јовановиќ и Марко Мандиќ. Поради сериозноста на повредите на главата, Борко Стефановиќ беше пренесен во Ургентниот центар, на Јовановиќ му беа скршени два заба и расечена му е устата, а Димиќ доби повеќе удари во главата.
Полицијата приведе две лица под сомнеж дека се учесници во нападот, а претседателот Алксандар Вучиќ го осуди овој инцидент