Скојдневно се преземаат мерки за решавање на наследениот проблем со загадениот воздух, што беше игнориран од ВМРО-ДПМНЕ, одговори СДСМ на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека власт не презема ништо против загадувањето.
– Катастрофата наследена од криминалната ВМРО-ДПМНЕ, партијата која го игнорираше проблемот и уништуваше сѐ што е здраво и зелено, денес се решава со бројни активности и мерки на централно и локално ниво, со цел да се обезбеди почист воздух за сите граѓани- велат од СДСМ.
Оттаму наведуваат 20 мерки кои се преземени за намалување на загадувањето:
- Во повеќето општини, како и во Град Скопје се расчистуваат диви депонии.
- Гасификацијата е во тек – во Буџетот за 2018 година одвоени се 40 милиони евра за изградба на гасоводниот систем во Македонија.
- Усвоен е План за чист воздух за кој ќе се одвојат дополнителни 1,5 милиони евра, над редовните со кои располагаат институциите.
- Со новите мерки и измени на законот за возила се воведуават еколошки стандарди во сообраќајот. При технички преглед на возилата, ќе се мери количеството и составот на издувните гасови што ги испуштаат возила и врз основа на тој параметар ќе добијат соодветна еколошка налепница која ќе покажува кој автомобил колку придонесува во загадувањето и по потреба ќе биде исклучен од сообраќајот.
- Град Скопје го продолжува доделувањето субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци – досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени 140 барања од граѓаните.
- Од страна на Општина Гази Баба е извршен увид на дивата депонија во Вардариште кадешто се запленети еден тон стари и уништени гуми кои се наоѓале во дворовите кај граѓаните, отпад кој досега бил пален на отворена површина, со што значително се загадуваше животната средина.
- Покрај пролетната акција за зазеленување кога беа засадени над 4.000 садници, Град Скопје во наредните денови започнува и есенска акција за садење кадешто ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни листопадни дрва во неколку скопски општини.
- Со беспилотно летало, Град Скопје ќе ги лоцира изворите на загадување на воздухот со што ќе се зголеми навременоста и ефикасноста во пронаоѓањето извори на загадување.
- На депонијата „Дрисла“ обезбеден е и ставен во функција е новиот филтер за апсорбирање на ПМ10 честичките, јаглеродмоноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето.
- Засилени се капацитетите на надлежните инспекциски служби.
- Владата предводена од СДСМ донесе одлука да се одобри кредит од 92 милиони денари за поставување на филтерска постројка за заштита од загадување за фабриката Југохром.
- Започната е анализа за намалување на ДДВ на испорачана топлинска енергија што ќе има за цел дополнителен број на домаќинства да се приклучат на топловодната мрежа.
- Се субвенционираат трошоците за набавка на печки на пелети за домаќинствата кои се греат со нееколошки печки на дрва, а Владата предводена од СДСМ донесе одлука за зголемување на средствата за субвенции од 14 на 21 милион денари.
- Преку кредит од Европската банка за обнова и развој Јавното сообраќајно претпријатие Скопје започна набавка на 40-тина најсовремени еколошки автобуси на природен гас.
- Активно се работи на проектот за гасификација во главниот град. За првпат по 20 години формирано е градско претпријатие за гасификација и проектирање на гасоводен дистрибутивен систем во Скопје.
- Се менува дотраениот и нееколошки автобуски превоз и во останатите градови. Општина Прилеп веќе набави 4 еколошки автобуси на природен гас кои ќе почнат да сообраќаат во март следната година, а ЕЛЕМ е во фаза на набавка на 4 автобуси за потребите на РЕК Битола и општина Битола.
- Во Град Скопје реконструирани и подигнати се нови зелени површини од над 40.000 квадратни метри.
- Во наредниот период ќе следува субвенционирање на трошоците за купување хибридни возила и возила на електричен погон, а ќе се субвенционираат и трошоците за поставување на уред на погон на ТНГ во возилата.
- 19 Лоцирани и соодветно санкционирани се физички и правни лица загадувачи на воздухот.
- Реконструирани се и поставени се енергетско ефикасни фасади на објектите на неколку средни училишта во Скопје.