Според грчките медиуми, обвинителката од грчкиот Врховен суд, Ксени Димитриу, побарала да ѝ се испрати одлуката на судот во Волос за да ја разгледа можноста за поднесување жалба, а побарала и примерок од судскиот предмет за да утврди дали има потреба од дисциплинска контрола на судиите кои ја донеле пресудата.
Случајот со 53-годишната хигиеничарка и одлуката за издржување 10-годишна затворска казна, предизвика бура негативни реакции и негативни коментари во Грција, како од медиумите така и од политичарите.
Како што вчера објави МИА, 53-годишна жена била осудена на 10 години затвор бидејќи 20 години работела како хигиеничарка со фалсификувана диплома за завршено основно образование.
Жената, која го немала завршено последното одделение од основното училиште, во 1996 година за да конкурира за вработување како хигиеничарка, свидетелството за петто го фалсификувала и го направила како да е за шесто одделение (во Грција основното училиште трае шест години) за да ги исполни условите за вработување.