Во набиената политичка агенда, овие денови фокусирана на бегството на Никола Груевски и на новите притворања, одвај се провре темата што се обидоа да ја исфорсираат ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети – дали на Македонија ѝ е потребен консензуален претседател и дали е дојдено време да се разговара за конкретни кандидати. Една недела пред да биде спомнато името на професорот Денко Малески, првиот шеф на македонската дипломатија, Ахмети на телевизијата Клан ја обнови старата идеја (од 2014 година) за консензуален претседателски кандидат, но предупреди дека е рано да се зборува за имиња.
Истата телевизија потоа го промовираше професорот Малески за можен кандидат за претседател на изборите што треба да се одржат вгодина на пролет. Тој, пак, изјавил дека не знае дали владејачките партии би можеле да изградат консензус околу неговата кандидатура. „Доколку може, изјавил Малески, тоа би било предмет на сериозно размислување од моја страна“, пренесе весникот „Независен“. Попрецизно, Малески за ТВ Клан рекол: „Тоа е товар околу кој вреди човек сериозно да размисли и веројатно да постави некакви услови за таков ангажман“.
Пред лансирањето на името на Малески, ДУИ брифираше дека со коалицискиот партнер СДСМ било разговарано за консензуален кандидат, а Бихаќка, пак, прилично остро ја демантираше информацијата што ја објави албанската агенција ИНА, според која премиерот Зоран Заев ќе биде консензуалиот претседателски кандидат на изборите.
Човек со либерални погледи и политички интегритет
Без оглед на дилемата за која секако вреди да се расправа, имено зошто ДУИ и албанските медиуми толку настојчиво и токму сега ја туркаат иницијативата за консензуален претседател, без ронка цинизам и двоумење, ќе се осмелам да кажам дека таа идеја, сама по себе, навистина е извонредна. Идејата ќе остане таква дури и ако имаме различни сфаќања за тоа што воопшто значи консензусот, или, да бидам попрецизен, ако останеме со различни мислења за тоа кои политички субјекти, на кој начин и со каква цел треба да го изградат консензусот. Верувам дека делумно и на тоа мислел Малески кога спомнал „некакви услови“ под кои би прифатил таков ангажман. Велам, дури и во таков случај, идејата да се постигне консензус за едно такво важно прашање треба да се разбере и како несомнено позитивен, дури и романтичен обид да се врати на политичката агенда темата за консензуалната демократија во Македонија.
Што се однесува до изборот на личноста со која во овој момент се брендира идејата за консензуален претседател, немам никакви замерки. Напротив. Гестот кон професорот Малески заслужува силен аплауз. Македонија има неколку личности од последните три децении на нејзината политичка историја, кои не добија соодветна сатисфакција за нивниот досегашен ангажман и придонес, а Малески несомнено е една од нив. Општо земено, прекрасна е намерата консензусот да се постигне за една личност со таква ерудиција, политички габарит и личен интегритет.
Професорот Денко Малески го запознав во раните осумдесетти години, како мој професор и декан на Студиите по новинарство во Скопје. Се сеќавам, тој, заедно со нас, студентите, вложи големи напори да го подигне квалитетот на студиите. Во годините потоа, во текот на мојата новинарска кариера, со професорот комунициравме често, бидејќи станува збор за врвен познавач на политичките системи, либерален дух, политичар со вештина за прецизна и допадлива артикулација на своето мислење и комуникативен човек, секогаш спремен за разговор. Во тие години ја запознав и сега потенцијалната прва дама, сопругата на Малески, Мирјана Малеска, исто така професорка со либерални погледи за политиката и за општествените состојби.
Ова скромно портретирање на Денко Малески ќе го завршам со предупредувањето дека ако некој наумил да го ангажира во својството во кое денес е ангажиран претседателот Ѓорге Иванов на позицијата шеф на државата, а тоа значи во улога на фикус, лошо го проценил мојот професор и во најдобар случај – ајде да употребам уште една ботаничка метафора – ќе добие кактус наместо фикус. Малески е човек со прилично јасни, храбри и за нечии сфаќања понекогаш и премногу „радикални“ сфаќања за некои чувствителни прашања, а неговиот личен политички интегритет нема да му дозволи своите погледи да не ги артикулира слободно, гласно и прилично уверливо.
Дали сме спремни за фантастичен исчекор?
Значи, вистинското прашање не е дали Денко Малески е спремен да биде консензуален претседател на Република Македонија. Вистинското е дали Македонија е спремна за Малески. Во исходишната точка на оваа теза, вистинското прашање, всушност, е дали Македонија е спремна со висок степен на политичка согласност да поддржи една силна личност, индивидуалец и либерал по дух, околу која политичките партии би успеале да изградат политички консензус. Во ова време на доминација на популизам и пропаганда, тоа навистино би било еден фантастичен исчекор, промоција на еден сосема нов модус (мерка на централната тенденција) во македонската политика.
А кој знае, можеби може и да ни се посреќи, па и тоа да се случи… Но, истовремено, сакам да ги споделам и информациите што допираат до мене, дека центри на моќ за кои се верува дека ги менаџираат политичките процеси во земјава, веќе наголемо анкетираат и други личности за можни кандидати за претседателските избори, при што во анкетите доминираат релативно анонимни личности, повеќето од поубавиот пол. Освен тоа, во поголемите партии веќе растат амбициите на некои партиски функционери (сега на министерски и на други важни позиции) да се кандидираат за престижната функција, која, со оглед на скромни уставни надлежности на претседателот на државата, на луѓето со намера да вегетираат на таа позиција им гарантира релативно мирен мандат до два, а потоа и спокојна политичка пензија.
Затоа, кон оценката на Ахмети дека е рано да се зборува за имиња, јас би додал дека можеби е рано да се разговара и за самата идеја за консензуален претседателски кандидат. Поточно, можеби и не е рано, но неопходно е да се разговара многу сериозно, за да се дефинираат и позицијата на фаворитот и очекувањата од процесот. Нашите досегашни искуства со консензуалната демократија се скромни и болни, бидејќи се сведуваат на ситуации кога е постигнуван наметнат политички консензус, како неизбежен дел од процесот на надминување на длабоките политички и безбедносни кризи. Ова би можело да биде прва прилика консензуалната демократија да ја практикуваме од еден друг, позитивен и оптимистички дискурс.
Затоа, лансирањето на името на професорот Малески би сакал да го разберам не само како одличен конкретен предлог за претседателски кандидат, туку уште повеќе и како објава на „фоторобот“ за тоа каков треба да биде идниот шеф на државата околу кој треба да се обедини политичката нација, во својот позитивен и креативен однос кон сопствената иднина. И тој „фоторобот“, да бидам искрен, многу ми се допаѓа.