Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска напладне ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на писателот Неџати Зекирија (1928-1988) – поет, раскажувач, писател за деца, преведувач од турската националност во Македонија.
Завршил Филозофски факултет во Скопје, работел како уредник во редакцијата „Бирлик“ при НИП „Нова Македонија“ и од 1951 година бил член на Друштвото на писателите на Македонија.
На читателската публика ѝ е познат по расказите за деца, особено по ликот на Орхан од книгите „Децата од старата улица“ и „Децата од новата улица“.
Настанот со кој во НУБ ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на авторот ќе биде збогатен со театарска претстава во изведба на ученици од средното скопско училиште „Арсени Јовков“.