Маријана Николова нова бугараска вицепремиерка

172

Маријана Николова денеска е избрана за нова заменик-премиерка на Бугарија, на местото на Валериј Симеонов, кој поднесе оставка откако беше обвинет за навреда на активистите за заштита на правата на лицата со инвалидитет.

При гласањето во бугарското Народно собрание, за изборот на Николова гласаа 116 пратеници, додека 62 беа против.

Пратениците на опозицската Бугарска социјалистичка партија (БСП) и на партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи (ДПС), кои гласаа против изборот на Николова, во текот на расправата пред гласањето побараа одржување на предверемени парламентрани избори во земјата, обвинувајќи ја Владата за корупција, за високите цени на горивата и за нискиот животен стандард на граѓаните.

Координаторот на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и партиски потпретседател Цветан Цветанов, ги отфрли барањата на опозицијата за предверемни избори, нагласувајќи дека Владата има мандат од четири години.

– Ние имаме четиригодишна програма и план за зголемување на средствата наменети за образованието и за платите, истакна Цветанов.

Последните анкети на јавното мислење во Бугарија покажуваат пад на популарноста на ГЕРБ и нејзината предност пред БСП сега е сведена на околу еден процент.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...