ЕУ бара Албанија итно да спроведе изборни реформи

96

Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца порача дека Албанија треба што побрзо да ги донесе изборните реформи.

Како што јави дописникот на МИА, тој посочи дека изборните правила треба да се регулираат најмалку шест месеци пред локалните избори закажани за 30 јуни 2019 година.

– Локалните избори се многу важни, бидејќи на нив граѓаните ги избираат оние кои ќе се занимаваат со нивните проблеми. ЕУ очекува да има изборна реформа, според препораките на ОБСЕ/ ОДИХР. Важно е реформата да биде спроведена шест месеци пред датумот за избори – изјави Сореца по средбата со градоначалникот на градот Мат, Незир Ризвани.

Досегашните активности околу изборните реформи, Сореца ги оцени како добри, но, нагласи дека тие треба да се финализираат.

– Ова е многу важна точка и ЕУ смета дека е приоритет – рече евроамбасадорот.

Изборните реформи во Албанија започнаа пред една година, но за сега е неизвесно кога тие ќе бидат усвоени, меѓу другото и поради фактот што обединетата опозиција подолг период ја бојкотира работата на албанското Собрание.

Претходно официјален Брисел упат апел до Владата во Тирана да созаде услови за дијалог, а опозицијата да се откаже од бојкотот и да се врати во албанскиот Парламент.

Наспроти тоа лидерите на двете најголемата албанска опозициски сила, Демократската партија и Социјалистичкото движење за интеграција, Љуљзим Баша и Моника Круемади, беа категорни дека нема враќање на опозицијата во Парламентот и повикаа на „обединување против злото и криминалната секта на власт“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...