Министерот за земјоделство и шумарство Љупчо Николовски призна денеска дека негов роднина е вработен во М-НАВ, но, како што рече, лицето е високостручен кадар кој е школуван во Јапонија и во Кина.
Тој побара институциите да испитаат како се водел процесот на вработување на лицето во М-НАВ.
– Да, лицето е во роднинска врска со мене. Барам да се утврдат сите процедури и постапки кои биле направени. Тоа институциите нека го проверат. Едно е јасно, станува збор за висок стручен професионален кадар школуван во Јапонија, во Кина, дипломиран, токму на проблематиката каква што се бара, на високорангиран универзитет во Словенија, со сите професионални капацитети за какви Македонија треба да се бори. Станува збор за место за кое исполнува повисоки компетенции и квалитети. Институциите тоа нека го расчистат -рече Николовски.
Медиумите вчера пишуваа дека во М-НАВ минатата недела е вработен роднина на еден министер од актуелната влада.
Се тврди дека и таткото на нововработениот работи во М-НАВ. Синот не успеал да влезе на првиот оглас, зашто наводна не ги исполнувал условите, па бил распишан и втор оглас. Претходното работно место на сега вработениот во М-НАВ му било во една од компаниите во зоната „Бунарџик“.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски денеска пак од прес-конференција апелираше доколку се воочени вакви неправилности во било кое јавно претпријатие, посебно во оние во кои Владата има удели да се пријавуваат.
– Владата секогаш имала соодветни реакции и постапки и луѓе ја поднеле одговорноста доколку се утврдиле одредени неправилности. Нема да правиме разлика дали се работи на професионалци или за нечии роднини или поставени на позиции – рече Бошњаковски.