Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека можеби ќе присуствува на следната годишна вечера на Асоцијацијата на дописници од Белата куќа, по одлуката на настанот повеќе да не се кани комичар.
– Таканаречената комичарка Мишел Вулф беше толку лоша минатата година на Вечерата на дописниците од Белата куќа, што оваа година, за првпат во последниве децении, ќе имаат писател наместо комичар. Добар прв чекор во враќањето на вечер и традиција во изумирање ! Можеби ќе одам ? – напиша Трамп на Твитер.
Асоцијацијата на дописниците од Белата куќа во понеделникот соопшти дека на нејзината следна вечера во април наредната година ќе говори писателот, историчар и биограф, добитник на наградата „Пулицер“ Рон Черноу, по негативните реакции од страна на политичари и новинари на остриот говор против Трамп на Вулф на последната вечера.
Претседателите на САД по традиција присуствуваат на тие вечери, но Трамп ги пропушти две години по ред.
ФОТО: EPA-EFE / MICHAEL REYNOLDS